МВР поднесе кривични пријави против поранешен директор на Градски трговски центар - Скопје и тројца вработени
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основото јавно обвинителство против поранешен извршен директор на А.Д. Градски трговски центар – Скопје и тројца вработени во Трговски, заради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
– На 17.12.2024 Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал криминал до ОЈО Скопје заради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 3 во врска со став 1 од КЗ во врска со член 22 „соизвршителство“ од КЗ поднесе кривична пријава против Ѓ.Т. (49) од Скопје, извршен директор на А.Д. Градски трговски центар - Скопје во временскиот период 2017 – 2024 година, Г.И. (48) од Скопје, вработен во А.Д. Градски трговски центар – Скопје, Д.С. (48) во Скопје, вработен во А.Д. Градски трговски центар - Скопје и С.Т. (50) во Скопје, вработен во А.Д. Градски трговски центар - Скопје, соопштуваат од МВР.
Како што стои во соопштението, лицата делото го сториле така што второпријавениот Г.И. во својство на претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, заедно со третопријавениот и четвртопријавениот Д.С. и С.Т., членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка, во текот на 2020 година со неизвршување на својата службена должност постапиле спротивно на одредбите на законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка за потребите на А.Д. Градски трговски центар - Скопје во која неосновано ја отфрлиле понудата на економски оператор од Скопје, иако согласно бараните критериуми во тендерската документација не постоеле услови за отфрлање, при што од двајца понудувачи, како единствена понуда за евалуација останала понудата од друг економски оператор од Скопје, која била речиси двојно поскапа. По ова, истите изготвиле извештај за спроведена постапка во кој дале предлог за најповолна понуда да се одбере двојно поскапата понуда.
– Првопријавениот Ѓ.Т. во својство на извршен директор на А.Д. Градски трговски центар - Скопје, ја злоупотребил својата службена положба со неизвршување на својата службена должност така што постапил спротивно на одредбите на законот за јавни набавки и иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно законот за јавни набавки истиот донел одлука за избор на најповолен понудувач и во име на А.Д. Градски трговски центар - Скопје со правното лице од Скопје склучил рамковна спогодба за јавна набавка за стоки и услуги, со вкупна вредност на спогодбата од 31.000.000 денари, без ДДВ и времетраење на спогодбата од една година, по која што рамковна спогодба и склучени договори кон истата на правното лице од Скопје му биле исплатени вкупно 30.999.325 денари, велат од МВР.
Со ваквите инкриминирани дејствија, додаваат, како и со непостапување согласно своите службени овластувања пријавените го сториле делото „злоупотреба на службена положба и овластување“ предвидено и казниво по член 353 став 3 во врска со став 1 од КЗ во врска со член 22 „соизвршителство“ од КЗ., со што овозможиле на правното лице од Скопје да се стекне со противправна имотна корист од 30.999.325 денари (околу 500.000 евра).
Ново на Сител
-
Кривични пријави за Груби, Ковачевски, Прпарим и уште пет лица
-
Театрите и Филхармонијата со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024
-
Расчистено убиство во обид во Скопје, поднесена кривична пријава против две лица
-
Рокас за случајот со Државна лотарија: Да оставиме правдата да зборува сама за себе
-
Лишени од слобода три лица, физички нападнале 26-годишник пред угостителски објект во скопскиот Градски парк
-
Челзи и Мудрик ќе соработуваат за да се утврди причината за позитивниот допинг тест на фудбалерот
-
Планирале напади за новогодишните и божиќните празници, притвор за 4 лица кои создале терористичка организација
-
Обвинение за убиството кај „Мавровка“, го убил од користољубие, пукал и кон полицијата во обид да избега