Македонија
16. March 2020 - 20:45

Во Битола ставена во функција телефонска линија за помош на населението

И во Битола има случаи на самоизолација на луѓе кои допатувале од високо или средно ризичните земји, потврдуваат од Центарот за јавно здравје. Доколку имаат појава на симптоми за време на 14-дневната самоизолација, овие луѓе треба телефонски да го контактираат Центарот за јавно здравје Битола. Од денес пак Општина Битола воведува и телефонска линија и заедно со Црвениот Крст ќе ги спроведуваат потребните активности за помош на населението. Апелира до сите правни и физички лица кои сакаат да помогнат, тоа да не го прават самостојно, туку да се пријават во општинската организација на Црвениот крст.

-Доколку има потреба, од лицата во Црвениот крст ќе им бидат дадени соодветни насоки за натамошно делување. Ангажираните лица ќе бидат евиндентирани и со себе ќе носат легитимации издадени од Црвениот крст. Секој работен ден од 8-16 часот ќе има отворена телефонска линија на бројот 070 791 770 која ќе служи за давање помош на лица во храна и лекови од следните категории: стари и изнемоштени лица, лица со пречки во развојот, неподвижни лица, изјави НАТАША ПЕТРОВСКА, ГРАДОНАЧАЛНИК НА БИТОЛА.

Според Петровска, битолчани засега совесно ги почитуваат мерките. Инаку како дел од мерките кои Општина Битола ги презеде деновиве е скратеното работно време на автобусите до 17 часот со цел да може да се извршува секојдневна дезинфекција. Дел од автобусите поставија и гел за дезинфекција на рацете. Исто така и такси возачите треба да носат заштитни маски и ракавици, за што општинската инспекција е постојано на терен.