Македонија
20. November 2019 - 10:15

Во Битола одбележан Меѓународниот ден на детето

Центар за човекови права „Амос“-Битола, по 18-ти пат ги одбележа двата меѓународни настани, 19 ноември – Светски ден за превенција на детската злоупотреба и 20 ноември – Меѓународен ден на детето.

Годинава потсетивме на уште еден важен настан и јубилеј, а тоа е 30-годишнината од Конвенцијата за детските права, донесена во Обединетите Нации, истакна проф. д-р Сашо Кочанковски, претседател на Центар за човекови права „Амос“-Битола.

-Продолжуваме со традицијата. Овој пат на нашата покана се јавија повеќе од 240 деца од сите основни училишта во Битола, децата од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ Битола, како и деца од танцовите клубови и волонтери на Црвениот Крст Битола. Доделивме јавни благодарници затоа што секој кој придонесува за здраво детство, треба јавно да биде награден и ние тоа го направивме пред околу 600 присутни деца, нивни родители и наставници, рече меѓу другото Кочанковски на синоќешниот традиционален настан што се одржа во големата сала на НУ Центар за култура-Битола.

Уметничката програма посветена на Меѓународниот ден на детето, меѓудругите ја следеа и заменик народниот правобранител Лилјана Илиевска и претседателот на Советот на општина Битола Валентин Груевски.