Во Битола измамени граѓани преку телефонски јавувања
Станува алармантна бројката на измамени битолчани. Повеќе десетици граѓани биле жртва на измама направена од лица кои лажно се претставуват, а на кои оштетените им давале пари. Од битолската полиција апелираат битолчани да бидат претпазливи во комуникацијата со непознати лица.
-Еден од начините на измама e со телефонско јавување на измамниците кај постари лица, при што ги доведуваат во заблуда со лажно прикажување на факти дека нивни блиски предизвикале сообраќајна незгода во која е прегазено дете, а сторителот, лажно претставувајќи се како сведок или службено лице, им ветува дека за одредена сума на пари може да помогне наводниот учесник во сообраќајната незгода да не оди во затвор. Притоа, измамниците ги наведуваат оштетените за кусо време да ги обезбедат бараните парични средства, кои ќе бидат преземени од сторителите, вели Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.
Друга честа измама за која граѓаните пријавуваат е ветувањето најразлични производи или услуги како огревни дрва, лекарства, купување на возила, купување на станови, организации на настани, откуп на железо и друго.
-Во СВР Битола се евидентирани пријави од граѓани според кои измамниците се јавуваат во некој угостителски објект и претставувајќи се како овластени лица на деловни субјекти, вршат резервации на простор, притоа барајќи од угостителот дополнително да ангажира фирми за декорација или други придружни услуги, за кои потоа ќе треба да плати во готово кај одредено лице, кое подоцна, исто како и нарачателот, е недостапно за комуникација. Дел од пријавените измами на подрачјето на СВР Битола се однесуваат и на наводен откуп на железо, при што парите се даваат најчесто на наводен такси превозник, вели Стаматова.
Особено апелираат до повозрасните лица и пензионерите да внимаваат кога ги подигнуваат нивните пензии од банките и банкоматите зашто чести се случаите кога се мета на измамници кои ги демнат. Граѓаните да бидат внимателни во комуникацијата со непознати лица по телефон, да не наседнуваат на измами и да не даваат пари без да проверат ниту на непроверени клиенти и соработници само врз основа на телефонска комуникација, ниту на наводни посредници, а сите сомнителни случаи да ги пријават во полиција.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар