Македонија
17. July 2018 - 9:56

ВМРО-ДПМНЕ: Зоран Заев и Роберт Алаѓозоски мора да понесат одговорност за стотиците илјади евра истрошени на приватна забава

Зоран Заев залудно потроши стотици илјади евра за еднодневна журка за прослава со која што промената на името на Република Македонија требаше да го претстави како успех, стои во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

-Зоран Заев и Роберт Алаѓозоски мора да понесат одговорност за стотиците илјади евра истрошени на приватна забава со која што капитулантскиот договор со Грција требаше да биде прославен како победа. Власта наместо расфрлање со парите на граѓаните за скапи журки парите можеше да ги инвестира во нови болници, медицински апарати, школи, студентски домови и други капитални инвестиции. Заев и Алаѓозоски лажат дека фрлиле само 200 илјади евра низ вода. Сумата е многу повисока. Една недела и беше потребна на власта за да смисли лага и да го покрие расфрлањето со парите на граѓаните. Сите обиди за претставување на капитулацијата како победа завршија неславно. Народот ја прочита намерата на власта и го сврте грбот, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека народот излезе во масовна поддршка на протестниот марш на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, во бројка многу поголема од бројката на посетеност на сите прослави за името во сите 15 града низ државата што ги организираше СДСМ.

-Зоран  Заев наместо да ја витка кичмата и да  ја понижува  државата каде и кога ќе стигне треба да покаже барем малку достоинство. Зоран Заев треба да знае дека не се бакнува пенкало, туку името на сопствената држава, која го одраснала, школувала и на која е премиер. Зоран Заев и СДСМ ја понижија Република Македонија. Државата е со трајно нарушен углед поради аматеризмот и домат дипломатијата на Заев и Димитров. Оваа ненародна власт мора да си замине. Република Македонија заслужува подобро, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.