Македонија
1. August 2017 - 10:24

ВМРО-ДПМНЕ: Со кратењето пари за градинки, СДСМ покажа негрижа и неодговорност

ВМРО - ДПМНЕ денеска обвини дека со ребалансот на Буџетот, СДСМ скрати 5,6 милиони денари од средствата за изградба и опремување детски градинки.

На овој начин, партијата на власт, соопшти ВМРО-ДМНЕ, уште еднаш покажа безчуствителност, негрижа и неодговорност.

- Два месеца откако СДС е на власт, граѓаните гледаат само кратење, укинување и блокирање. Парите скратени од ставката за градинки очигледно не беа доволни за покривање на новите вработувања на партиските потрчковци, па СДС скрати и цели 28.000.000 денари од Буџетот наменети за изградба, опремување и одржување објекти за социјална заштита и дневни центри за лица со попреченост, наведува ВМРО-ДПМНЕ и додава дека со 5,6 милиони денари можеа да бидат опремени и отворени пет до шест нови градинки. 

ВМРО-ДПМНЕ во соопштението потсетува дека во програмата за 2017-2020 имаше предвидено изградба на 140 детски градинки, со што, како што нагласува, ќе се решеше проблемот со големиот број дечиња  кои не можеа да бидат примени во градинка заради малиот капацитет на постојните.

- ВМРО-ДПМНЕ предвиде повеќе средства за градинки поради фактот што нашата држава е единствена во јужниот дел на Европа со раст на родени во периодот од 2005 година до 2015 година, од 22.482 бебиња во 2005 година во Република Македонија бројката на родени бебиња во 2015 изнесуваше 23.106 денари, што предизвика нужно зголемување на буџетската ставка за детски градинки. Но, СДС никогаш не ја интересираат граѓаните и нивниот живот, туку само личниот комодитет, затоа СДС одвојува милиони денари од Буџетот за нови вработувања на партиски кадри во државните институции, а крати од парите наменети за градинки, кои се насушна потреба за голем број млади брачни парови, стои во соопштението.

Заради негрижата и неработењето, заклучува ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ набрзо ќе се соочи со политичка одговорност.