Македонија
19. July 2017 - 10:31

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ кога е на власт ја задолжува земјата што е можно повеќе

ВМРО-ДПМНЕ преку пишано соопштение порачува дека секој ден се повеќе граѓаните сфаќаат дека најголем дел од дополнителните 150 милиони евра со ребалансот ќе завршат на ставката вдомување на партиските војници од чистачка до министер, високи хонорари за договорни услуги, партиски хирови и луксузи и додава дека  граѓаните очекуваат од овие средства да се реализираат ветувањата што ги даде СДСМ во предизборието.

- СДС кога беше опозиција устата им беше полна за презадолженост на Република Македонија. Денес кога е на власт ја задолжува земјата што е можно повеќе. СДС кога беше опозиција аукциите на државни хартии ги сметаше како криминал. Вчера од позиција на власт ги искористија хартиите од вредност да ја задолжат Република Македонија за дополнителни 10,6 милиони евра, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Вчерашното задолжување, се додава, го покажува нивното лицемерие - едно зборуваат, а друго прават.

- Таквиот несериозен и неодговорен однос на Владата на СДС ја покажа и вчерашната недоверба на банките кон работата на оваа власт, бидејќи побарувачката за државните хартии од вредност беше помала од тоа што го планираше министерот Тевдовски. Катастрофалната економска политика на Владата е очигледна и преку ребалансот на буџетот кој ја покажа нивната антиреформска и расипничка матрица на работа, се потенцира во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и се посочува дека нема најава оти овие 10,6 милиони евра, би се потрошиле за реновирање училишта, болници или други инфраструктурни проекти.