Македонија
10. May 2021 - 20:16

ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните крајно разочарани и бесни на ненародната власт

Во рамки на агендата на ВМРО-ДПМНЕ предвидена за претстојниот период насловена како “Пратениците со народот”, пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ остварија средби со граѓани од повеќе населени места, со кои поразговараа за актуелните случувања во државата, секојдневните проблеми на граѓаните, како и во однос на политичката ситуација.

Пратеникот Александар Велјановски од Тетово ги посети жителите од населените места Јегуновце, Прељубиште и Подбреѓе со кои поразговара во однос на актуелните случувања во државата, проблемите со кои се соочуваат во секојдневието, како и за нивните гледишта во однос на власта и менаџирањето на државата. Жителите на Прељубиште велат дека најголем проблем им претставува лошата инфраструктура, водоводот, како и дивата депонија која го загрозува здравјето на луѓето. Згора на тоа, единствениот простор кој се користи за рекреација на децата, кој е во приватна сопственост е обраснат и руниран, а со тоа младите немаат можност за спортување. Најнезадоволни се жителите на населеното место Јегуновце, кои велат дека селото е запуштено и тотално заборавено од централната и локалната власт. Жителите се соочуваат со бројни проблеми меѓу кои лошата патна инфраструктура, немањето на нови проекти кои ќе помогнат во секојдневното живеење, како и пропаднатиот стадион на ФК Југохром, кој како што велат жителите бил нивна гордост. Најголема загуба чувствуваат од затворената фабрика Југохром и немањето работни места за мештаните.

Пратениците Ане Лашкоска и Петар Ристески, заедно со претседателот на ОК ВМР-ДПМНЕ Прилеп Дејан Проданоски ги посетија жителите на населените места Ерековци, Канатларци, Селце и Тополчани, кои ги споделија нивните проблеми во секојдневното живеење, проблемите во земјоделието, како и нивното незадоволство во однос на националната распродажба. Незадоволството кај сите веќе ја прелева чашата и луѓето велат дека ваквата ситуација во државата повеќе не се поднесува. Најогорчени се земјоделците кои велат дека државата еднострано веќе им ги раскинува договорите за концесија на земјиштата, а задкулисно сака да изгласа закон за продажба на земјоделско земјиште, што за земјоделците ќе знаци целосен крах. Покрај овие проблеми, тутунарите велат дека тони тутун им скапува во подрумите, бидејќи трудот не им се вреднува и килограм тутун вреди исто како да го даваат без пари, па затоа веќе втора година останаа без нивната заработка. Посакуваат брза смена на власта и стабилизирање на економијата во земјата, бидејќи како што велат, доколку државата продолжи да функционира на ваков начин, Македонија нема светла иднина.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ