Македонија
22. July 2022 - 8:20

ВМРО-ДПМНЕ: Едностраната изјава за јазикот дадена од МНР е негација на македонскиот јазик и предавство на нацијата

Едностраната изјава за јазикот дадена од МНР е негација на македонскиот јазик и предавство на нацијата.

Изјавата дека македонскиот јазик е јазик кој се заснова на територијата на денешна Република Македонија е груб фалсификат на научната вистина.

Македонскиот јазик е јазик кој се заснова и на неговите дијалекти кои се простираат и надвор од Република Македонија. Ова е став на официјалната наука и како таков македонскиот јазик е признаен и од ОН.

Дијалектното простирање на македонскиот јазик ги надминува државните граници.

Македонскиот јазик е жив јазик и тој се проучува на голем број филолошки катедри низ светот. Власта со ваквата изјава го негира и сака да ја изврти научната вистина.

Дополнително историјата на македонскиот јазик не почнува од 1944 година, кога е кодифициран, туку многу пред тоа. Tоа не го кажува ВМРО-ДПМНЕ тоа е наука и становиште на науката кое е докажано.

За овие предавства ќе има одговорност. Ковачевски ќе одговара за носењето на државата во подредена положба.

 

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ