Македонија
9. March 2025 - 16:38

ВМРО-ДПМНЕ до Пендаровски – Ако не може да помогне, да не и одмага на Македонија

Наместо да ги руши позициите на државата и односите со стратешките партнери, Пендаровски да не и одмага на Македонија – пратеници и функционери на ВМРО-ДПМНЕ со бројни реакции по интервјуто на поранешниот претседател за Сител во кое ја критикуваше дипломатијата на актуелнмата власт. Владејачката партија вели дека ставовите на Пендаровски јасно покажуваат дека СДСМ лажно се претставувале како прозападни, а со нетрпение чекале момент да свртат курс.

Вицепремиерот Николовски го обвини дека по десет месеци молк, сега се појавува во јавност само за да го напаѓа премиерот и поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за американскиот претседател Трамп.

- Стево Пендаровски - човек кој два пати изгуби Претседателски избори, вториот пат со историски најголема разлика, после 10 месеци реши да се појави во јавност и да го напаѓа Премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката на САД и Претседателот Трамп. Пендаровски кој иако вети, не се откажа од доживотна пензија на грб на граѓаните, го напаѓа Претседателот на нашиот стратешки партнер број 1. Арогантно дели ,,ум'' на светски лидери, а сам себе не се гледа, пишува Николовски на социјалните мрежи.

Ваквите позиции се доказ на неконзистентност, смета потпретседателот на парламентот Милошоски. 

Поранешниот претседател Стево Пендаровски, во прво интервју за Сител откако изгуби на претседателските избори ја критикуваше блискоста на власта со администрацијата на Трамп нарекувајќи ги аматери доколку мислат дека Доналд Трамп ќе им помогне Македонија го надмине спорот со Бугарија. 

Пендаровски смета дека Македонија не треба да истрчува со поддршка за САД оти не сме биле светска велесила. Според него, секој кој ја води македонската држава мора да знае дека како мала држава на Балканот без ресурси, не личело ниту пак било национален интерес да стоиме до Америка.