Македонија
3. May 2017 - 15:22

ВМРО-ДПМНЕ: Да не се приведуваат и заплашуваат недолжни граѓани

ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција најостро го осуди, како што беше наведено, обидот за заплашување и хајката која по политички налог се води против недолжни граѓани кои се приведуваат и им се врши огромен притисок од страна на одредени институции. 

- Единствен грев на овие граѓани е тоа што си ја бранеа државата и националните интереси и се противеа на реализирањето на тиранската платформа. Се поголем број граѓани јавно кажуваат дека врз нив се врши прогон, без никаква основа, изјави пратеникот Драган Данев.

Како што истакна, недозволиво е полицијата да приведува лица кои не сториле никакво кривично дело, им се подметнуваат пријави, а некои се повикуваат дури и за вербален деликт. Дел од лицата, рече Данев, повикувајќи се на информациите со кои располагаат, добиле притвор без елементарен доказ.

- Ова е срамно и одмаздничко однесување кон сопствениот народ и заслужува најостра осуда. Одговорност пред граѓаните има и министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, кој не смее да врши притисок врз вработените спротивно на процедурите и законот да малтретираат и приведуваат луѓе, недолжни граѓани, бидејќи секој, па и службено лице кои го кршат законот одговараат за своите постапки, рече Данев.

Одредени граѓани, според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, влегле во Собранието револтирани од нелегалниот обид за избор на Претседател на Собрание, од кршењето на Уставот, Деловникот, од антидржавните провокации кои ги прави СДС, и тоа не може да биде оквалификувано како кривично дело. ВМРО-ДПМНЕ повика на запазување на основните принципи на правната држава во кои се гледаат исклучиво фактите и доказите, а не, како што кажа Данев, нечии изразени партиски или политички ставови.

- Ќе се бара најголема одговорност доколку се докаже дека макар и едно лице е приведено без докази. Законот важи за сите и недозволиво е институциите да имаат двојни стандарди, односно за некого без докази да му се ставаат на товар измислени кривични дела, додека во време на траењето на т.н шарена платеничка револуција и насилството кое таа го продуцираше, во која беа напаѓани и полицијаци, да не се постапува ни приближно по истите аршини, рече пратеникот.

Очекувањата на ВМРО-ДПМНЕ, според него, се институциите наместо да ги прогонуваат граѓаните, да реагираат на кршењето на највисоките правни акти од државата од страна на СДС и нејзиното раководство.

- Токму криминалецот Заев е тој кој го испровоцира гневот на граѓаните со своите нелегални и антидржавни дејствувања и два месеци ги провицираше граѓаните кои мирно протестираа, рече Данев додавајќи дека СДСМ е одговорна за револтот на граѓаните и за изборна измама, го руши унитарниот карактер на државата, ги прекрши сите законски и деловнички процедури, ги навредуваше, провоцираше и омаловажуваше граѓаните кои мирно протестираа и ја отпочна реализација на тиранската платформа.