Македонија
20. January 2022 - 19:58

Влошена епидемиолошката состојба во Гевгелија

Ковид состојбата во Гевгелија станува алармантна. Бројот на новоинфицирани со вирусот секојдневно се зголемува, а растат и бројките на хоспитализирани лица во ковид центарот кој е сместен на нервно психијатриското одделение. Поради ваквата состојба од гевгелиската општа болница размислуваат повторно да биде отворен и модуларниот ковид центар во кој досега се третираа само амбулантските случаи и пациенти на дневна терапија.

Драстичниот раст на бројките и влошената ковид состојба во овој регион беше причина да заседава и општинскиот кризен штаб. Од таму побараа максимално почитување на мерките од сите, почнувајќи од угостителите па се до маркетите и превозниците. Упатија апел и до надлежните инспектори и ги повикаа на почести контроли на терен.

Во моментов во Гевгелија официјално како активни се водат близу триста лица, но реалната бројка е далеку поголема бидејќи голем дел од граѓаните се тестираат дома и не се влезени во системот. Гевгелија важи за една од водечките општини во државата по бројот на вакцинирани лица, но  според лекарите тоа не било доволно  бидејќи во последниот период граѓаните премногу се опуштија заборавајќи на општите препораки и мерки за заштита што придонесе и за зголемен број на нови случаи.