Македонија
17. July 2023 - 16:42

Власта подготви Закон за амнестија, професорите предупредуваат на опасноста од празнење на затворите со законски одлуки

Со нов закон за амнестија, власта ќе ги празни затворите. Според информациите на Сител, ќе се работи за еднократна амнестија со која на осудените што веќе се во затвор, казната ќе има биде намалена од 25 до 30 отсто, зависно од типот на кривично дело за кое се осудени. Оние осуденици на кои има останува да издржат уште 30 отсто од казната, целосно ќе бидат ослободени, брифираат извори од правда.
Тие тврдат дека со амнестијата нема да бидат опфатени тешки кривични дела, како што се тероризам, убиства, организиран криминал.

За експертите, предлогот само на краток рок ќе го реши проблемот со пренатрупаност. Потсетуваат дека пред пет години, со сличен закон беа амнестирани околу 800 затвореници. Професорката по казнено право и криминологија, Груевска-Дракулевски вели, внимателно да се избере кој ќе го напушти затворот, бидејќи по примената на претходниот закон, дел од амнестираните по само неколку часа од слободата сториле ново кривично дело.

„Кога беше донесен претходниот закон за аменстија во 2018 година, се соочивме со висока стапка на повратници. Имаше еден карактеристичен случај на лице кое само четири часа по отпуштањето од установата, сторил ново кривично дело. Проблемот на пренатрупаност да се решава  со почеста употреба на алтернативни санкции, “, изјави Александра Груевска-Дракулевски, Редовен професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ на Институт за Казнено право и Катедра за криминологија и Пенологија.

И професорот Калајџиев смета дека амнестијата ќе има краткотраен ефект и требаат нови современи затворски установи. Предлага намалување на казните за сите затвореници.

„Овој мотив на амнестијата треба да биде правичен за сите и да оди процентуално намалување на изречените казни на сите сторители на дела. Мораме да почнеме да размислуваме што со доживотните затвореници бидејќи тие никогаш не уживаат амнестија и стануваат најпроблематична популација. Неможноста да добиете условен отпуст или помилување како што е во Македонија, е во исто време и повреда на Европската конвенција за човекови права“, изјави Гордан Калајџиев, Универзитетски професор по кривично право.

Од правда велат дека законот начечно го прифатиле парламентарните партии, но тоа го демантираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Овој закон ниту е прифатен, ниту е виден од ВМРО-ДПМНЕ. На таа средба со координаторите на пратеничките групи, Министерот Лога само информираше дека се подготвува закон и дека ќе ни го даде на увид. Кога ќе го видиме законот, тогаш ќе го изградиме ставот по ова прашање“, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Министерството за правда не откриваат официјално кој ќе биде амнестиран, велат, законот ќе важел за сторителите на полесни кривични дела.