Loading Video...
Македонија
21. јуни 2021 - 19:52

Власта и опозицијата со различни очекувања од одлуката на ЕУ

И покрај најавената бугарска блокада Владата во Скопје и натаму негува оптимизам дека на утрешниот совет за општи работи во Луксембург постојат шанси земјава да добие датум за старт на преговорите. Португалската амбасадорка чија земја го заокружува своето претседавање со Унијата на Премиерот Заев утрово во Скопје му порачала дека Македонија треба да биде дел од европското семејство.

„Покажавме како држава дека сме функционална мултиетничка демократија, којашто е силно определена кон европските вредности. Ни значи поддршката од земјите членки на ЕУ. Но, нашиот став е дека за сработеното, време е да се оддаде признание преку конкретен исчекор на нашиот евроинтеграциски пат“, рекол премиерот Заев на средбата, пренесе владината прес служба.

Од Брисел и денеска доаѓаат истите пораки кои ги слушаме веќе неколку години. Очекувања за старт на преговорите има, датум се уште не

Во СДСМ оптимизам. Од партијата велат дека важно е што имаме поддршка од европските партнери и што Владата останува на позициите дека за јазикот и идентитеот нема да има преговори.

Во ВМРО-ДПМНЕ нема оптимизам. Во партијата и денеска изразија загриженост дека Премиерот Заев во Бугарија однел предлог кој е на штета на идентитетските обележја и уште еднаш побараа да го објави јавно.

Утрешната одлука на Советот за општи работи доаѓа само неколку дена по официјалниот став на Бугарија дека Македонија не ги исполнила условите за старт на преговорите со што шансите министрите за надворешни работи да договорат прва меѓувладина конференција со Македонија се сведени само на теорија. Сепак, конечната одлука ќе ја донесат шефовите на држави и влади на седницата на Европскиот совет која е закажана за во четврток и петок во Брисел.