Македонија
7. January 2020 - 16:35

Владиката Петар бара воведување веронаука: Без веронаука ќе имаме многу Катици Јаневи

Љубовта, чистината и смирението на децата нека биде нашиот пример во животот како можеме да живееме во подобра општество без никакви поделби и разлики. Ова беше главната порака која денеска беше упатена на 14-тиот по ред Божикен ручек во Прилеп, во организација на детската амбасада „За сите деца во светот“ на кој се собраа 500 деца од цела Македонија од различни целни групи и религии.

„Никој не можеме да се обединиме така како што тие се обединуваат и како што тие ни праќаат порака како треба да се обединиме, без оглед на возраст, без оглед на потеклото, без оглед на врата, сите како едно се чувствуваат. Дајте на нив да се огледаме“, истакна Владика Петар, Митрополит Преспанско-Пелагониски

Токму поради ова, според Владиката Петар кој го благослови ручекот, требало да се воведе веронаука во училиштата преку која ќе се постигнела духовната обнова на народот.

„Без веронаука ќе ни се случуваат многу Катици Јаневи, ќе ни се случуваат и Боки, ќе ни се случуваат и еден куп работи. Со веронауката сето тоа ќе исчезне, затоа што ако сакате вие преродба на народот, не можете вие само да барате преродба материјална, економска, културна, а душевна, односно духовна да нема. Само преку духовната преродба доаѓаат сите други преродби“, додаде Митрополитот Петар.

Како и секоја година овој ручек е под мотото „Едно небо за сите деца“.

„Под мотото „Едно небо за сите деца“ произлегува и пораката да нема насилство меѓу децата, да има толеранција, љубов и разбирање“, кажа Александра Северкоска Стојаноски, извршен директор на детската амабасада „За сите деца во светот“.

Децата кои учествуваа беа пресреќни што дел од еден ваков настан.

„Овде многу ми се допаѓа и сакам на сите што веруваат во Господ и сите што се христијани да им го честитам празникот“, вели едно од присутните деца

„Јас сум од Скопје, тука сме собрани за да се дружиме“, даде друго дете.

„Моите желби се сите да бидат здрави и живи оваа година“,истакна едно негово другарче.

И годинава покрај добитникот на „Орденот за носител на мирот“ се додели и плакетата за „За пријател на децата“.