Македонија
20. April 2023 - 21:16

Владата попушти – Договорот со Бехтел и Енка ќе им биде доставен на пратениците со безбедносни сертификати

Принудна и задоцната транспарентност. Ова е првичната реакција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако од Владата соопштија дека ќе го презентираат Договорот со Бехтел и Енка на пратениците што поседуваат соодветен безбедносен сертификат. Токму пратеници од партијата на Мицкоски вчера доставија писмено барање до премиерот Ковачевски да им го достави документот.

За народните избраници од власта пак, ова е доказ дека Владата не крие ништо, а колегите опозиционери ќе можат да се уверат дека нема ништо спорно во изградбата на Коридорите 8 и 10 Д.

Доколку договорот биде презентиран на посебна собраниска комисија или седница, тогаш и расправата за документот ќе се одвива зад затворени врати за јавноста.

И експертите што се занимаваат со антокорупција бараат транспарентност во целиот процес и објавување на Договорот.

Објавување на Договорот, но и целосно повлекување на законските решенија поврзани со изградбата на делниците освен невладиниот сектор, побара и Антикорупциската комисија. Резерви кон измените изрази и шефот на државата Пендаровски.