Владата најави можност за набавка на нови електрични автобуси за одржлив и стабилен јавен градски превоз
Приватните превозници Јофи Бус, Вестор Транс, Радос Компани денеска најавија прес-конференција на која ќе го изнесат нивното мислење за состојбата со јавниот превоз во Град Скопје, кој два дена беше во колапс.
Во контекст на одржливо решавање на проблемот со јавниот градски превоз во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски синоќа од Белград најави нов предлог проект кој е во фаза на анализа за набавка на 100-120 електрични автобуси кои што нема да бидат распределени само за ЈСП-Скопје, туку и за општини каде што има организиран јавен градски превоз.
– Ние сме одговорна Влада и како Влада така и ќе продолжиме да се однесуваме. И набргу од денеска ќе излеземе со еден нов предлог-проект, а тоа е – анализираме се уште каква е расположливата моќ на буџетот за набавка на помеѓу 100 и 120 електрични автобуси заедно со полначи 50-ина, коишто ќе бидат распределени не само во Скопје за ЈСП, туку и за оние општини каде што има организиран јавен градски превоз по пропорцијата 80:40 или можеби ќе биде 70:70 – ќе видиме, се уште размислуваме и ја анализираме оваа ситуација и убеден сум дека набргу од денеска ќе изнајдеме едно вакво решение со кое што драматично ќе го олесниме и јавниот превоз во Скопје, но и во другите општини коишто имаат организиран јавен превоз, рече Мицкоски кој беше покровител на Македонската вечер во рамки на Саемот Винска визија на Отворен Балкан во Белград, на новинарско прашање во контекст на одлуката на Владата за интервентно доделување нафта од државните резерви за ЈСП за надминување на проблемот со јавниот градски превоз.
Од информациите со коишто располага од страна на Бирото за јавни набавки Мицкоски рече дека е одговорено позитивно на барањето на ЈСП за спроведување итна постапка за набавка на нафта по пат на преговарање.
-Најпрвин сакам да кажам дека овие количини, овие 250.000 литри се веќе доставени до депоата на ЈСП Скопје. Денеска е нормализирана состојбата. И овие се позајмени количини. Затоа што во текот на вчерашниот ден менаџментот на ЈСП до Бирото за јавни набавки достави барање за реализирање на итна постапка за набавка на нафта по пат на преговарање и од информациите со коишто располагам од страна на Бирото за јавни набавки е одговорено позитивно. Така што, ЈСП треба час поскоро да влезе во овој процес и да ги набави количините коишто се потребни за нормално функционирање на компанијата, бидејќи овие 250.000 литра ќе бидат доволни за 10 дена, две недели, три недели, но нема трајно да го реши проблемот. Од тие причини мислам дека направивме навистина еден потег којшто овозможува да не се случува тоа што се случуваше претходниот ден и да се надминат политичките разлики и да се испорача за граѓаните, рече премиерот Мицкоски.
На прашањето зошто три години точката за набавка на нови автобуси не била ставена на гласање на Совет на град Скопје, и за тврдењата на градоначалничката дека сите опции биле дадени на располагање дури и власта да ги постави условите, а таа само да го потпише договорот, Мицкоски вели дека тоа што се нудело на маса не е решение.
- Тоа не е точно. Прво, ние не сме мнозинство во Град Скопје, мнозинството се таму други коалициони партнери, таму има директори на градските претпријатија коишто доаѓаат од политичката партија Левица, или блиски до политичката ДУИ, блиску до поранешен градоначалник на една скопска општина, директори кои се поставени од други моќници кои сега не се присутни во градот Скопје итн. Таму е многу, би рекол сложена ситуацијата, така што тоа не е решение. Тоа кое што се нуди на маса да се позајми треба и да се земе и да се купат 20-30 автобуси тоа не е решение. Ние зборуваме за сериозен пристап и пристап којшто ќе значи прво намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата и во воздухот, а второ нешто кое што ќе биде одржливо на подолг рок. Тоа го нудиме ние, рече Мицкоски.
Проблемот со автобускиот превоз во град Скопје, со одлука на Владата, донесена на завчерашната вонредна седница, да интервенира со нафта од државните резерви за седум дена, вчера, беше времено нормализиран. Вонредна седница завчера одржа и Советот на Град Скопје, на која координаторите на советничките групи постигнаа консензус и донесоа заклучок со којшто ја поздравија одлуката на Владата за позајмување на нафта од државните резерви за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и воедно, побараа заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.
Возниот ред се менува во зависност со колку автобуси располага ЈСП на дневна основа, вели Кушовски, посочувајќи дека претпријатието се соочува со недостиг од 40 автобуси за пополнување на лет
Директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски, во изјава за МИА, потврди дека автобускиот сообраќај во Скопје вчера е нормализиран. Посочи дека количините на нафта не се испорачани целосно, туку се испорачуваат сукцесивноно, и дека испораката засега е доволна.
- Сите линии сообраќаат, исто како и претходно, односно исто како пред да се појави проблемот со недостиг на горивото. Сите автобуси кои се во возна состојба редовно сообраќаат, рече Кушовски.
Јавен протест поради состојбата со превозот во градот, вчера, пред бараките на Град Скопје одржаа жителите на Општина Шуто Оризари, а на протест излегоа и студентите од УКИМ.
Градоначалникот Курто Дудуш изјави дека граѓаните на Шуто Оризари 730 дена немаат пристап до јавен превоз. Според него, расистички, дискриминаторски, нехумано и неодговорно е 40 000 граѓани две години да немаат јавен превоз. Тој побара од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска итно да постапи по возниот ред, објавен на страната на ЈСП и од денеска да возат автобуси по улиците на Општина Шуто Оризари.
- Итно да се ревидира одлуката на ЈСП и градот, во која се наложува во Шуто Оризари да возат над 90 отсто од приватни превозници. Итно да си ги подмирите долговите кон приватните превозници и да им овозможите услови да продолжат да возат во Шуто Оризари. Итно да пуштите нови автобуси да возат во Општина Шуто Оризари. Итно да се обезбедат услови за редовно собирање на смет од домаќинствата во Општина Шуто Оризари и на дивите депони. Да обезбедите одржливост на донесените одлуки и да не се доведете во ситуација пак да ви дојдеме со истите барања после еден месец, рече Дудуш.
Претседателот на Универзитеското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Александар Николовски на протестот изјави дека од спроведената анкета на над 3500 студенти, 85 отсто од студентите во последниве две недели чекаат автобус повеќе од 15 минути, а 65 отсто повеќе од 20 минути. Дополнително, како што рече, 95 отсто од студентите не се задоволни со услугите коишто ги нуди Градот Скопје во однос на јавниот градски превоз.
- Универзитеското студентско собрание се приклучи на овој протест, поради тоа што сметаме дека од лични интереси, партиски или политички препукувања студентите и средношколците не смеат да трпат товар. Затоа, бараме да престане злопупотребата и паѓањето на благосостојбата на студентите и срендошколците во текот на колоквиумската испитна сесија, рече Николовски.
Одговорноста за колапсот со јавниот превоз меѓусебно си ја префрлаат секоја од страните која има каква било надлежност.
Одговорноста во врска со кризата што настана со Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кое остана без нафта, од Град Скопје ја префрлија на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на директорката на Бирото за јавни набавки поради поништената постапка за набавка на гориво за автобусите, а од Бирото за јавни набавки соопштија дека ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна.
Од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пак посочуваат дека тие досега ги изгласале сите програми за Град Скопје, вклучително и за ЈСП, но дека надминувањето на кризата зависи од менаџирањето од страна на Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие.
Претседателот на Синдикатот на возачи при Сојузот на синдикати, Миќо Стојановски завчера, во изјава за МИА рече дека состојбата со нафтата е проблем што трае веќе подолг период. Според Стојановски, за колапсот во ЈСП и во другите јавни претпријатија во градот придонело и несогласувањето меѓу претседавачот на Советот на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска.
- Бирото за јавни набавки ја суспендирало постапката за набавка на нафта од Пуцко петрол. Факт е дека ЈСП му должи доста пари на Пуцко Петрол, факт е дека Владата односно Министерството за образование му должи доста пари на ЈСП и кога би се пребиле тие средства, ние ќе бидеме чисти како фирма. Гориво нема, возат само автобусите на метан, околу 25-30 и уште по некој автобус на кој му останало нафта. Друг проблем што нас не тишти е тоа што поголем број скопјани го гледаат ЈСП како виновник за овие состојби. Како репрезентативен синдикат сакам да им кажам дека ЈСП е секогаш на нивна страна и правиме обиди да имаат превоз. Голем проблем за граѓаните и за ЈСП е и егото во Советот на Град Скопје, односно претседавачот Трајко Славески со мнозинската советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска доведоа до оваа тотална штета не само на ЈСП, туку и на другите јавни претпријатија. И Комунална хигиена немаа гориво за нивните возила за собирање на сметот низ градот, вели Стојановски.
Стојановски вели дека и приватните превозници треба да се вратат на улиците бидејќи нивното барање за 120 денари за изминат километар е нереално затоа што имаат договор со Градот Скопје што важи до мај 2025 година.
Јавниот превоз во Скопје два дена, во средата и четвртокот, беше редуциран поради недостиг на нафта, односно беа пуштени околу триесетина автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие од кои 25 се на природен гас и уште неколку кои имаа резерви на нафта. Подебелиот крај го извлекоа граѓаните, учениците и студентите кои на минусни температури беа принудени долго да чекаат на јавниот превоз или да користат такси превоз за да стигнат во училиште, односно на своите работни места.
Ново на Сител
-
Притвор за Весиќ, Танасковиќ и 11 осомничени, по едно лице издадена потерница
-
Македонски автобус се излизгал вчера по обилните врнежи во Србија
-
Медведев: Русија не сака да употреби нуклеарно оружје
-
Во Мајами уверени дека Меси ќе остане во клубот до 2026 година
-
Расел ќе стартува од првата позиција на Големата награда на Лас Вегас
-
Кристоф Ле Риголер: Да бидеме реални, не може да постои апсолутна гаранција за исходот на процесот на евроинтеграција
-
Продолжуваат преговорите за пласманот на средствата од унгарскиот заем на стопанството
-
Бајден и Макрон разговараа за прекин на огнот во Либан