Македонија
27. August 2024 - 16:35

Владата ја презентираше нацрт реформската агенда за следните 3 години

Владата презентираше  три годишен план од реформската агенда за  продолжување на евроинтегративниот процес.  Во планот на владата се предвидени  4 столба за унапредување и развој особено на економијата. Реформските закони како приоритет во овој процес забрзано ќе се одвиваат порача премиерот. Веќе консултирале експерти и се разгледуваат неколку модели и за  реформите во судскиот совет.

Според формулата за распределба на европските пари за овој процес на македонската влада ќе и припаднат 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027г.

„Овие средства ќе бидат условени со реализација на конкретни квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за планираните реформи. Или со други зборови, а со заокружени бројки, 250 милиони евра ќе се добијат како грант или неповратни средства за инвестициски проекти, додека 500 милиони евра ќе се обезбедат преку заем со исклучително поволни услови (почеток на отплата од 2034 година, со до 40 години рок за отплата и поволна каматна стапка), од кои 250 милиони евра за реализација на реформите (буџетска поддршка) и преостанатите 250 милиони ќе бидат алоцирани за инвестициски проекти“

Деталите од овој нацрт документ не се достапни за јавноста. Владата ќе го објави откако ќе биде одобрена реформската агенда и  од страна на ЕК.

Мицкоски очекува наесен по изборите во Бугарија да продолжи дијалогот за да се одблокира процесот на отпочнување преговори. Премиерот потенцира дека може да се изнајдат нови решенија но за тоа треба волја и од другата страна. Во меѓувреме ќе продолжат со реформите за да ја завршат својата домашна задача кон ЕУ.

Муртезани информираше дека кај нив има волја за да се изнајде решение со  уставните измени кои не биле ултиматум за Влада но биле услов за да се одблокира евроинтеграцискиот процес на земјава. Тој рече дека во изминатиот период имале чести средби на оваа тема како коалициони партнери.