Македонија
9. January 2024 - 21:14

Владата именува двајца нови директори во М-НАВ, ќе се проверува и синдикатот

Владата попладнево предложи смена на двајца од тројцата директори на Македонска навигација. Разрешувањата доаѓаат по упадот во кулата за контрола на летови, но и по  барањата на Синдикатот на М-НАВ да се прекине со партиски вработувања.

Разрешен е извршениот директор Фахрудин Хемиди. На негово место е именуван Хекуран Асани, активен долгогодишен контролор на летање во М-НАВ  и кој ги има потребните дозволи, но повторно се поврзува со ДУИ. На местото на Љубе Стаменковски кој пак, уште пред Нова година застана зад барањата на Синдикатот  и си поднесе оставка, треба да дојде Милан Кораќ, исто така вработен во М-НАВ. Третиот директор Хасим Деари не бил разрешен од Владата.

Асани вусшност е втор избор на Владата. Првичната информација беше дека за оваа позиција се предлага Илир Мехмети, кадар на ДУИ, поранешен директор на Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба. Но, во јавноста веднаш излегоа информации дека Мехемети не ги исполнува законските условите, иако за тоа министрите не биле запознаени.

Но, освен за директорите, Владата на Ковачевски денеска донела одлука што се однесува и на Синдикатот на М-НАВ.

„ Владата воедно го задолжи Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје и за истото да ја информира Владата.“ се вели во соопштението од владината прес служба.

Од Синдикатот не се загрижени за ваката одлука, велат дека им стојат на располагање на институциите. Најавениот штрајк за утре го ставаат во мирување додека Надзорниот одбор не ги спроведе владините одлуки за новите директори. Главно се задоволни од изборот.

Целосен ремонт во македонска навигација бара и шефот на држвата пендаровски. Тој вели дека по инцидентот во контролната кула, високи меѓународни претсваници се интересирале за бедноста на македонскотот небо.

Во меѓувреме, од денеска М-НАВ е под лупа и на финансиската полиција.