Македонија
4. May 2021 - 16:30

Владата ги прифати барањата на медиумите и медиумските работници

Владата по опсежни анализи и дебати, како и консултации со домашни и меѓународни институции, смета дека се прифатливи најголем дел од барањата на медиумите и медиумските работници, кои се однесуваат на најавените медиумските реформи, брифираат владини извори за МИА.

Пакетот медиумски реформи главно се однесува на прифаќање на дел од барањата на медиумите и еснафските здруженија во делот на законските измени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, со кои се овозможуваат за проекти од јавен интерес Владата да може да спроведе едукативна и информативна кампања и преку радиодифузерите, потоа прифаќање на барањата за формирање независен фонд за истражувачко новинарство и за продукција на медиумски содржини од јавен интерес, како и темелни реформи во медиумската сфера во правец на остварување на новинарските права.

Според истите извори, во најавените промени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, Владата земајќи ги предвид ставовите на ЗНМ, СЕММ и делегацијата на ЕУ, одлучила да се откаже од европско знаме за законот.

Од Владата се категорични дека се работи исклучиво на модел со кој се овозможува содржинска контрола врз оправданоста на кампањите од јавен интерес и истовремено се воведува фиксен клуч за правична дистрибуција на средствата за закуп на медиумско време кај сите радиодифузери, преку строго утврдени критериуми кај кои не постои можност за интервенција на човечки фактор.

На овој начин, според Владата, ќе се отстрани апсурдната забрана за каква било владина кампања од јавен интерес, во време кога пред нас е најголемиот здравствен предизвик – вакцинацијата и кога меѓународните организации, како што се ЕУ и УНИЦЕФ, веќе имаат свои кампањи преку медиумите со кои ги повикуваат граѓаните да се вакцинираат, а македонската Влада тоа не може да го стори поради законската забрана која е резултат на лошите пракси на власта на Груевски.

– Свесни сме за задршките кои дел од здруженијата на медиумските работници ги имаат околу кампањите од јавен интерес, особено ако се има предвид лошата пракса на пропагандата на Груевски, па затоа ќе бидат воведени најстроги механизми за контрола, а законското решение, по сугестија на ЕУ, ќе го испратиме и до Венецијанската комисија, за да добиеме мислење во делот на заштитните механизми. Во исто време, го прифаќаме барањето од ЗНМ и СЕММ, а тоа е воведување на таканаречен „медиумски фонд за истражувачко новинарство и за продукција на содржини од јавен интерес“, кој би одел во пакет со овие промени, велат од Владата.

Овој т.н. „медиумски фонд“ би имал за цел да го поттикне истражувачкото новинарство и создавањето медиумски содржини по примерот на многу земји членки на ЕУ.

Средствата за фондот, според Владата, би се обезбедиле од независно и одржливо, т.н. „резервирано“ финансирање од фиксни приходни ставки. Сумата на средства која би била обезбедена на овој начин би се движела помеѓу 1,5 и 2,5 милиони евра на годишно ниво. Тие средства нема да бидат на товар на граѓаните, а би се користеле за поддршка за независни истражувачки новинарски проекти, за обуки и подигање на професионалните новинарски стандарди, како и за поддршка на домашна медиумска продукција од области од јавен интерес, како документарни, филмувани или новинарски содржини од областа на културата, спортот, екологијата, борбата против корупција, здравство и слични области од јавен интерес. Управувањето на овие средства би било со вклученост на самата фела, а фондот би имал тековен конкурс на годишно ниво, за пријавување проекти од овие области. Токму за ваков фонд јавно се заложија дел од здруженијата на новинарите и на медиумите во претходниот период.

Од Владата сметаат дека со овој пакет се прифатени и обезбедени голем дел од барањата на медиумите и медиумските работници кои ги имаат добиено.

– Никогаш не можеме да ги задоволиме сите барања, но сметаме дека ова е сеопфатен пресек на вкупните потреби со гарантирани независни механизми на заштита, велат од Илинденска, посочувајќи дека овој пакет ќе се најде во владина процедура веќе на една од наредните седници на Владата, а се очекува да влезе во собраниска процедура до крајот на месецот.