Македонија
10. December 2024 - 16:26

Влада: Се замрзнуваат платите на избраните и именуваните лица

Владата денеска на седница донесе неколку одлуки меѓу кои дека нема да растат платите на избраните и именуваните лица, судиите, членовите на Судскиот совет и јавните обвинители.

Премиерот Христијан Мицкоски преку објава на Фејсбук соопшти дека платите на овие лица ќе бидат замрзнати преку интервенција на коефициентите за пресметка на плати.

За таа цел задолжени се Министерство за економија и труд и Министерство за правда да достават измени и дополнувања на законите со што ќе се изврши намалување на утврдените коефициенти за пресметка на платите.

- Актуелните законски решенија предвидуваат пораст на платите на избраните и именуваните лица, но Владата со цел да го заштити јавниот интерес и да нема дополнителни фискални импликации врз Буџетот донесе одлука со која ќе се направи измена и дополнување на законите каде нема да се загрози и влоши состојбата на избраните и именувани лица. Односно ветивме дека едно е сигурно и тоа го исполнуваме зголемување на платите на избраните и именуваните лица нема да има. Со ова замрзнување го намалуваме тој процент од година во година, се со цел да дојдеме до процент еднаков на нула, објави портпаролката на Владата, Марија Митева.

На денешната владина седница донесена е и одлука да почне исплатата на К15 за сите вработени во администрацијата за што се обезбедени околу една милијарда денари во билансот на буџетот.

Донесена е и одлука со која им се препорачува на сите органи на државната управа да не вршат исплата на 13-та плата со цел да не се предизвикаат дополнителни фискални импликации врз Буџетот.