Македонија
5. August 2016 - 12:10

Вистински пекол: Tемпературите над просекот, тропски ноќи во повеќе градови

Температуратурите на воздухот во јули годинава во Македонија се над просекот за 1,5  степен, додека врнежите се под просекот во повеќе места освен во Берово, Скопје и Демир Капија каде се над просекот. Во текот на минатиот месец најмногу тропски денови се регистрирани во Гевгелија 30, а тропски ноќи со над 20 степени целзиусови се регистрирани во Гевгелија, Скопје, Демир Капија, Штип, Струмица  и Прилеп.

Според податоците на УХМР, средно месечните температури на воздухот во текот на јули во РМ се движеа од 17.5 степени во Лазарополе до 27.3 во Гевгелија. Измерени се 18.5 степени во Маврово, 19.8  во Берово, 21.3 во К.Паланка, 22.3 степени во Охрид, 23.1 во Прилеп, 23.5 степени во Битола, 24.9 во Скопје, 25 степени во Штип, 25.6 во Струмица и 26.1 во Демир Капија. Овие вредности на средно месечни температури се повисоки од просечните за 1.5 степени. Средно месечните максимални температури беа повисоки од просечните до 1.6 степени, а средно месечните минимални температури за 2.3 степени.

Апсолутно максималните температури измерени на целата територија во државата не ги надминаа досегашните апсолутни вредности на максималните температури за јули. Така во Демир Капија е измерена апсолутна максимална температура од 38.9 С, во Скопје 38.6 С, Гевгелија и Штип 38.5 С, Струмица 37.1, Битола 35.6 С, Прлеп 35 С, Крива Паланка 34.3 С, Охрид 33 С, Берово 31.8 С. Лазарополе 29.6 С и Маврово 28.4 С.

Бројот на тропски денови во јули односно денови со дневна максимална температура поголема од 30 степени изнесува во Гевгелија 30, Д.Капија и Струмица 29, Штип 24, Скопје и Битола 22, Прилеп 19, К.Паланка 13,  Охрид 10 и Берово со 6 дена. Бројот на денови со тропски ноќи, каде дневната минимална температура е поголема од 20 степени е Гевгелија 17, Скопје 8, Д.Капија 7, Штип и Струмица со 3 и Прилеп со 1 ноќ.

Измерената месечна сума на врнежи во јули 2016 изнесува од 9 мм во Гевгелија до 78 мм во Берово (10мм во Охрид, 19 мм во Струмица, 22 мм во Штип, 24 мм во Битола, 25 мм во Лазарополе, 28 мм во Крива Паланка, 32 мм во Маврово, 34 мм во Прилеп, 37 мм во Демир Капија и 63 мм во Скопје).