Македонија
29. September 2015 - 12:45

Виница презентирана во рамки на европски проект за културно наследство во Киелце

Културното наследство од општина Виница е презентирано во рамки на европски проект насловен „Комуникација на различните култури“ во полскиот град Киелце. Учеството на општина Виница во овој проект е резултат на повеќекратна заемна посета на првите луѓе од овие две општини. 

- Идејата за учество во овој проект произлезе од последната средба со градоначалникот на Киелце, Војчех Љубавски. На негова иницијатива и со негова подршка, влезени сме во еден голем проект на Европската Унија за што добивме идентификационен код. Првата фаза беше запознавање меѓу земјите учеснички. Група наши ученици викендов беа на првата средба во Киелце. Тоа беа најдобрите ученици од виничките училишта кои ќе учат за европските вредности, истакна градоначалникот на Виница, Емил Дончев.

Посочи дека проектот продолжува, а како финална фаза е реализација на инфраструктурен објект.

- Ние би сакале да работиме на проект за изградба на нов Музеј за нашите теракотни икони, додаде Дончев.

Група ученици од СОУ „Ванчо Прќе“ предводени од наставникот Сања Мицова први ја презентираа Виница на ниво на најразвиените европски општини.

- Учениците зедоа активно учество во сите дебати, ја имавме една од најуспешните презентации и се надеваме дека таа соработка ќе продолжи, а ние ќе бидеме партнер училиште во овој европски проект, истакна Мицова.

Наскоро се очекува и официјално збратимување на двете општини Виница и Киелце , како и воспоставување партнерство меѓу СОУ „Ванчо Прќе“ и средно училиште од Полска. Инаку претходно на фестивал во истоимениот град учествуваше и ансамблот за староградски песни „Серенада“ од Виница.