Македонија
5. јуни 2020 - 19:31

Верниците од Прилеп во храмовите им оддадоа почит на упокоените

По повод празниците Задушница и Духовден, а поради забраната од страна на Владата за одење на гробишта, помените за починатите во Прилеп, денеска, утре и во недела ќе се извршуваат во црквите од 7.00 часот наутро до 15.00 часот. За да не се прават гужви верниците се услужувани од страна на свештениците веднаш по самото доаѓањето во храмот во било кое време во овој пропишан период.

Во црквите се запазуваат буквално сите пропишани протоколи и мерки. Верниците влегуваат внатре со маски, пред влегувањето во црквата и по излегувањето се употребуваат средства и гелови за дезинфекција на рацете. Внатре пак нема воопшто гужви и турканици и се запазува пропишаното растојание.

Граѓаните пак се револтирани поради забрана за одење на гробишта и како што велат односот на власта кон нив како православи верници. Сметаат дека пеењето на гробовите траело само неколку минути, било на отворен простор и не постоела голема опасност од вирусот.

„А значи нашата власт на едни мајка, на други маќеа. Владата не тера како што треба. Син имам закопано 35 години и денес да не отидам на гробишта? Ќе си стојам настрана, ќе дојде свештеникот, ќе си пее екој збор и ќе си замине. Сега нема да не фати короната кога ќе се собереме тука во една педа место“, рече една прилепчанка.

„Според мене на отворено на гробишта е побезбедно отколку вака да се собирам. Многу пропусти се направија, многу се измешаа сите работи. Особено со другиве верски заедници поинакво е однесувањето, зошто спрема нас христијаните е вака незнам“, кажа друга прилепчанка.

„На овој ден најдобро да се пее на гробишта бидејќи поменот за починатите се пее на местото каде се погребани нашите најмили“, истакна еден граѓанин.

„Таму се упокоените и таму треба да биде чинот. Оваа одлука на власта е никаква, политичка, незнам каква“, кажа друг прилепчанец.

„Еве сега идам од гробишта, затворени се, а тука сега има можебу гужва. И сега таму простор отворен подобро него в црква“, додаде друг граѓанин.

Денеска гробиштата во Прилеп се затворени нив ги чуваат патроли на полицијата.