Македонија
23. September 2016 - 13:59

Вељаноски го прими новиот амбасадор на Грција во Македонија, Јанакакис

Претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски денеска имаше прва протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Република Грција во Република Македонија, Димитрис Јанакакис. Како што соопшти Кабинетот на Вељаноски, двајцата соговорници изразиле задоволство од средбата и надеж за успешна соработка во иднина.

- Претседателот Вељаноски го информираше амбасадорот Јанакакис за неодамнешната прва официјална билатерална средба со претседателот на Парламентот на Република Грција, Николаос Вуцис, во рамките на Европската конференција на претседатели на парламенти во Стразбур. Двајцата соговорници се согласија дека има голем напредок во подобрувањето на односите помеѓу двете држави за што сведочат почестите средби на високо ниво. Вељаноски истакна дека стои на располагање за идна подлабока парламентарна соработка која би помогнала во градењето подобри севкупни односи меѓу двете земји и би придонела за зголемување на довербата помеѓу двата народи, информира Кабинетот на Претседателот на Собранието на РМ. 

Амбасадорот Јанакакис изразил задоволство што доаѓа на мандат во Република Македонија кога има значајно приближување во односите помеѓу двете држави што смета дека е резултат на мерките за градење доверба. Двајцата соговорници истакнале дека Република Македонија и Република Грција имаат многу заеднички сфери на интерес на кои може да се соработува за максимално искористување на европските фондови и подобрување на економската состојба во двете земји.

- Соговорниците разговараа за актуелната политичка ситуација во двете држави и предизвиците со кои се соочуваат во однос на справувањето со мигрантската криза. Претседателот Вељаноски истакна дека е потребна заедничка реакција за подеднакво да се поднесе товарот за што е потребно да се води принципиелна политика. На крај на средбата, претседателот Вељаноски на амбасадорот Јанакакис му посака успех во новиот мандат и желба да понесе добри впечатоци од Република Македонија, стои во соопштението од Кабинетот на Вељаноски за средбата со новиот грчки амбасадор Јанакакис.