Бизнис
21. July 2019 - 15:26

Велешани добија информации и флаери за мерката „Мој ДДВ“

Во маркетот „Жито Ване“ во населбата Тунел во Велес денеска пристигна промотивниот караван „МОЈ ДДВ“, преку кој граѓаните на информативниот пулт беа информирани за апликацијата и им беа делени флаери.

Градоначалникот Аце Коцевски изјави дека проектот за поврат на 15 проценти од ДДВ на граѓаните е важен не само за државата, туку и за граѓаните.

– Секој од нив на три месеци ќе може да се поврати по 1.800 денари, а на годишно ниво по 7.200 денари, или едно просечно четиричлено семејство во текот на годината може да си поврати 28.800 денари од парите кои како ДДВ ги уплатиле за државата.Тоа ќе биде значаен придонес за скромниот буџет на семејството, тоа е значајно и за државата и за граѓаните на Општина Велес, појасни Коцевски.

Тој потенцира дека со овој проект граѓаните се поттикнуваат  да купуваат во продавници и маркети кои уредно плаќаат ДДВ, а можат да ги пријавуваат и несовесните продавачи кои не употребуваат фискални апарати и ја поттикнуваат сивата економија.

Коцевски нагласи дека на овој начин ќе се сузбие сивата економија и многу повеќе средства ќе се влеваат во државниот буџета, а тие средства индиректно потоа ќе завршат во општините и државните институции. Тој смета дека со тоа ќе се подобри квалитетот на живеење на граѓаните, а ќе значи и повеќе пари за водоводната и канализациската мрежа, улиците и патиштата.