Вечно име Матеј, Мате, Матеја
Кога фарисеите му приговарале на Исус дека се дружи со грешници, мислејќи на цариникот Матеј, тој им одговарал: „Здравите немаат нужда од лекар, туку болните“.
Именден празнуваат: Матеј, Мате, Матеја…
Светиот апостол и евангелист Матеј се викал Ливиј и бил цариник. Во тоа време цариниците и луѓето што собирале данок биле презрени и омразени од Јудејците поради тоа што од Божјиот народ собирале пари за неверникот окупатор односно за римските власти. Кога Свети Јован Крстител го подготвувал народот за доаѓањето на царството небесно, односно кога ги повикувал луѓето да се покаат, најавувајќи го доаѓањето на Спасителот многумина цариници и порезници дошле кај него прашувајќи го што да прават. На тоа тој им одговарал: „Не земајте повеќе од одреденото“.
Светото предание раскажува дека еднаш кога Исус минувал покрај местото каде што се собирал данокот го забележал и цариникот Ливиј кого го повикал со зборовире: „Идеј по мене“. Овој веднаш тргнал по Исус, ја напуштил својата дотогашна професија, а за спомен на тоа го зел името Матеј, што значи цариник. Потоа приредил вечера на која заедно со Исус поканил и повеќе свои пријатели. На вечерата присуствувале и повеќемина фарисеи кои го нападнале Исус затоа што се дружел со грешници. На тоа Исус одговорил: „Здравите немаат нужда од лекар, а болните…“ (Матеј 9-12)
Така Матеј станал еден од 12-те Христови апостоли, а осум години по неговото воскресение на барање на апостолите тој го напишал Евенгелието што се карактеризира со лесен и разбирлив стил на изнесување податоци за животот на Исус Христос.
За животот на светиот апостол Матеј малку се знае. Тој е брат на Јаков Алфеев, а заедно со другите апостоли Христовото учење го проповедал во Персија, Индија и други земји. Животот го завршил маченички.
Евангелието по Матеј е најсеопфатно, зашто започнува со настани уште пред раѓањето на Исус и завршува со неговите зборови упатени кон неговите ученици пред да му се врати на Бога Отецот Негов: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги… и учејќи ги да пазат се што сум ви заповедал“.(Матеј, 28/19-20) Матеј често го цитира Стариот завет кога некое сведоштво дополнува некои настани.
Содржината на Евангелисто докажува дека било напишано со цел да истакне дека Исус Христос е ветениот Месија и Искупител.
Ново на Сител
-
Македонија и ЕУ со безбедносно партнерство
-
Тема на денот со Трајан Ангелоски, претседател на ССК
-
Клуч на врата за неколку институти во земјата
-
Шекеринска избрана за Заменик генерална секретарка на НАТО
-
Украина го искористи оружјето на САД
-
Тензична расправа во Собранието за Предлог буџетот за 2025 година
-
Падна одлука: Од следниот месец повисоки плати за сите вработени во здравството
-
Бизнисот бара брзи пруги и патишта, Владата вети – ќе градиме!