Свет
4. October 2017 - 21:57

„Вашингтон Фри Бикон“: Трамп идната недела ќе донесе одлука за договорот со Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп планира во текот на следната недела да соопшти дека Иран не го почитува договорот за иранската нуклеарна програма и со тоа да ја раскине спогодбата што во 2015 година ја постигнаа шесте светски сили со техеран, објави „Вашингтон Фри Бикон“, повикувајќи се на извори во Белата Куќа.

Трамп неодамна изјави дека се работи за штетен договор и дека јавноста наскоро ќе слушне кој е ставот на Белата куќа по ова прашање.

Според договорот, Иран се согласи да ги предаде своите резерви на збогатен ураниум и да отстрани две третини од своите центрифуги со кои се збогатува ураниумот во рок од 13 години, а за возврат, другите земји потписнички на договорот ги олеснија санкциите кон Иран.

Проверката на спроведувањето на договорот е во надлежност на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) која треба да добие пристап до сите ирански нуклеарни постројки, но според Белата куќа, Иран не дозволува контрола.

Според извори во Белата куќа, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон и секретарот за одбрана Џејмс Матис бараат договорот да остане во сила, но дека Трамп е гневен поради иранските ракетни проби, поради што планира да се откаже од договорот. Се очекува Белата куќа да се повика на неодамнешната најава од МААЕ дека организацијата не може да гарантира за сите нуклеарни постројки во Иран.

Повеќе републикански сенатори, како Тед Круз и Том Котон, го повикаа Трамп да објави дека Иран не го почитува договорот и со тоа да почне процес за повторно воведување санкции кон Техеран.