Фудбал
21. April 2016 - 20:38

Вардар – Шкендија повторно без гостински навивачи

 
Дерби натпреварот од 29.коло, второ во плејофот, на Првата македонска фудбалска лига, меѓу Вардар и Шкендија ќе се игра без гостински навивачи. 
 
Идентично како и пред седум дена кога двата тима кои претендираат за шампионската титула, играа во мечот од 27.коло, така и овојпат нема да биде дозволено присуство на навивачите на Шкендија. И овојпат, до влезница за неделниот меч ќе се доаѓа само со лична карта.
 
Од Вардар повикуваат на почитување на правилата, со цел да се избегнат инциденти како што беше оној на на претходниот дуел на овие две екипи, исто така во Скопје.
 
Ова меѓу другото го пишува во соопштението кое денеска го објави актуелниот шампион Вардар, а кое во целост ви го пренесуваме.
 
„Средбата помеѓу ФК Вардар и ФК Шкендија во рамките на 29. коло од Првата МФЛ која ќе се одигра на Националната арена „Филип Втори" в недела од 16:00 часот е прогласена за натпревар од висок ризик.
 
Во договор на организаторот на овој натпревар, со Фудбалската федерација на Македонија и со Министерството за внатрешни работи, одлучено е да нема гостински навивачи на Националната арена „Филип Втори".
 
ФК Вардар повторно апелира навивачите на Шкендија самоиницијативно да не доаѓаат на стадионот.
 
ФК Вардар ќе ги преземе сите мерки и ќе ги следи сите одредби и правни рамки пропишани со Законот за спречување на насилство и недолично однесување, сѐ со цел да го организира натпреварот на највисоко ниво.
 
За таа цел, билетите за овој натпревар ќе се продаваат само со документ за лична идентификација (лична карта).
 
Билетарницата на стадионот на денот на натпреварот (17.04.2016) ќе биде отворена во 10 часот наутро и ќе се затвори во 15:45 часот, односно петнаесет минути пред почетокот на натпреварот. Влезници ќе се продаваат и утре и задутре, на истото место, во период од 10 до 16 часот.
 
Билетите ќе чинат 100 денари и ќе се продаваат само за Јужната трибина. Останатите три трибини се во фаза на реновирање.
 
ФК Вардар ги повикува сите свои навивачи и симпатизери за фер и коректно навивање, за достоинствено однесување на трибините, со цел да се избегнат сите евентуални казни кои би следеле за неспортско однесување. Исто така апелираме да не се подлегнува на евентуални провокации, со цел да не се повторат мачните сцени од минатиот натпревар на овие два клуба“.