Македонија
16. October 2024 - 16:58

Вања е киднапирана и убиена, тврдел таткото

„Вања е киднапирана и убиена“, ова уште од првиот ден го зборувал таткото на девојчето кој е обвинет за помагање на убиството на неговата ќерка. Според помошник началниот на СВР Скопје, Музафер Каришиќ, кој денеска сведочеше, за Александар Ѓорчевски рече дека додека траела потрагата по детето, тој цело време бил чуден и конфузен. Повеќе се интересирал какви податоци има полицијата, но и самиот обезбедувал фотографии и снимки од безбедносни камери. Заедно откриле дека е пресечен кабелот на камера која директно снимала кон влезот на зградата. Понудил и снимка од бензинска во Велес, на која се гледало како Жежовски точи гориво. Снимката, тогаш за полицијата немала поврзаност со исчезнувањето на девојчето. Александар, според полицискиот инспектор, зборувал дека треба да бараат мафијаши што сакаат откуп за неговата ќерка.

„Мајката беше посталожена. Првиот впечаток за таткото беше чуден за мене но и за другите колеги, по разговорот анализиравме дека тој беше конфузен, потиштен во многу изјави. Тој постојано повторуваше дека губиме време и оти Вања е киднапирана и убиена. Кога го прашавме зошто мисли така, тој даваше конфузни одговори. Кога ја прашавме мајката зошто е таков, таа немаше одговор“ сведочеше во судницата полицискиот инспкетор Музафер Каришиќ.

Дека е Вања убиена, прв открил обвинетиот Влатко Кешишов. По приведувањето од просториите на партијата „Десна“ чиј претседател е Палчо, му кажал на полицискиот инспектор дека сака да му покаже некое место. Барал да одат сами, бидејќи се плашел од другите, а тврдел и дека ќе биде убиен ако дознае Палчо.

„Самиот почна да зборува дека е лош човек, дека е нечовек, наговестуваше нешто. Во еден момент рече дека ќе ме однесе мене на едно место, да ми покаже нешто, бараше да одиме сами не сакаше да одиме со другите началници, сакаше јас и тој сами, ми рече „ако дознае Палчо ќе ме убие. Со главата ми посочи кон расфрлени перници и душеци. Дури и со рака не сакаше да покаже, покажуваше со главата кон перниците. Велеше „јас стоев на страна“. Ги тргнавме перниците, тој рече „тука е девојчето кое го барате“, објаснуваше полицискиот началник.

Била алармирана велешката полиција, го привела Велибор Манев, кој го посочил местото каде е убиен Жежовски. Според началникот од СВР Велес, Ристе Самарџиев, обвинетиот Манев кажал дека се виновни за убиството на Вања и Панче а ги однел и до телото на велешанецот.

Сведочењата на двајцата полициски началници, според адвокатите биле контрадикторни со обвинението. Таткото не сакал да верува дека е Вања побегната од дома, па затоа тврдел дека е киднапирана, појаснува неговиот адвокат.

Полициските началници кажаа дека не е пронајдено оружјето со кое се извршени двете убиства.