Македонија
27. August 2021 - 16:43

Вакцинирани 65 проценти од вработените во градинките

Над 65% од персоналот вработен во градинките е вакциниран. За останатите кои во моментов имаат дилема околу имунизацијата и безбедноста на вакцината министерството за труд и социјала организирало состанок со претставници од Комисијата за заразни болести на кој сите кои се двоумат имале можност пред докторите да ги изнесат нивните лични дилеми. Министерката Шахпаска смета дека состанокот бил корисен и после него очекува зголемување на број на вакцинирани кај вработените во градинките.

„За да истакнеме за важноста за вакцинација, за безбедноста на вакцинацијата кај дел од вработените кои што имаа лични дилеми организиравме состанок со претседателот и двајца  доктори од Комисијата за заразни болести минатиот петок.  300 вработени во градинките директно ги адресираа своите дилеми пред докторите од Комисијата за заразни болести. Јас верувам после овој состанок кој што траеше цели два часа дека уште поголем број на вработени во градинките ќе пристапат на процесот на вакцинација“, вели Јагода Шахпаска - министер за труд и социјална политика. 

Министерката Шахпаска информираше дека градинките се целосно подготвени за работа. Според неа, грижата за децата во овие установи  минатата година бил еден од најуспешните примери како се менаџира пандемијата со Ковид 19. Со доследно почитување на протоколите  било овозможено градинките да бидат место за безбеден престој на децата без да има трансмисија на вирусот од едно на друго  дете.