Вакцината не е задолжителна за попишувачите иако тоа беше причина за одложување на пописот во април
Од утре до 5 август ќе биде отворен оглас за реонски попишувачи и инструктори. Од Државниот завод за статистика ги повикуваат сите заинтересирани, како и тие кои се пријавија на првиот повик во март годинава, да аплицираат и да станат дел од пописниот тим.
Но, вакцинацијата не е предуслов за избор на лицата кои ќе вршат попис на терен.
“Секако дека би сакале попишувачите да се вакцинирани бидејќи така е најбезбедно за сите но, кај нас вакцинацијата не е задолжителна и според тоа доколку одбереме само кандидати кои се вакцинирани или се согласуваат да се вакцинираат, тоа би било класична дискриминација.
Инаку, доколку попишувачите се согласат да примат вакцина во наредниот период, ние во најкусо време ќе организираме вакцинација за нив”, вели за Сител директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
На прашањето дали Министерството за здравство ќе предложи до Комисијата за заразни болести попишувачи да бидат само вакцинирани лица, со цел да се заштити сечие здравје, од МЗ нема конкретен одговор, туку само апел за имунизација.
“Вакцината за Ковид 19 е достапна за сите граѓани, Министерството за здравство нуди можност за вакцинација и на лицата кои ќе бидат вклучени во попишувањето на населението и апелираме да се вакцинираат”, пишува во одговорот од Министерството за здравство.
Инаку, токму имунизацијата на попишувачите беше клучна причина за одложување на пописот, кој требаше да се спроведе во април годинава. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ тогаш бараа одложување на пописот со цел да се остави доволно време до есен да се вакцинираат сите попишувачи за процесот на пребројување на населението да биде побезбеден. Токму тоа и беше договорено на тричасовната лидерска средба меѓу Заев и Мицкоски на крајот од март, после што Собранието донесе нов Закон за попис со кој теренското попишување се презакажа за периодот од 5 до 30 септември.
Тогаш и министерот за здравство рече дека попишувачите ќе бидат на приоритетната листа за вакцини.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар