Свет
6. November 2019 - 22:01

Ужас во Хонг Конг: Демонстрант избоде прокинески пратеник - прво му даде цвеќе па му го забоде ножот во гради

Поддржувач на антивладините протести во Хонг Конг денеска со нож го избоде и го повреди прокинески ориентираниот пратеник Јуниус Хо, додека водел кампања за локални избори, соопшти полицијата и додаде дека напаѓачот е уапсен.

Полицијата додаде дека Хо, и неговиот помошник, па и напаѓачот се згрижени во болница, пренесува АП.
 

Откако излегол од болница, Хо рече дека се здобил со рана длабока два сантиметри. На видео снимката која се појави на социјалните мрежи, се гледа момче кое му дава цвеќе на Хо и бара да се слика со него, а потоа вади нож кој го држел зад грб, и го боде Хо у градите.

На снимката се гледа и како Хо и уште некои луѓе брзо го совладуваат.

Хо во текот на протестот стана омразена личност во Хонг Конг поради наводната поврзаност со маскирани мажи во бели маици кои наводно ги нападнале учесниците на протестите во подземната железница на 21 јули.

Тогаш се повредени најмалку 45 лица, а Хо негирал било каква поврзаност.

Од тогаш, демонстрантите неколку пати ја гаѓале неговата куќа и ги сквернавеле гробовите на неговите родители.