Утре почнува пописот со попишување на затворениците во Куманово и бездомниците во Чичино село
Државниот завод за статистика е подготвен за стартот на првата фаза од попишувањето на населението. Директорот Симовски вели дека од 8 часот утре ќе биде достапна веб апликацијата за граѓаните кои живеат во странство, вработените во дипломатско-конзуларните претставништва, војниците ангажирани во мирновни мисии, затворениците, притворениците и бездомните лица. Голем е и интересот за пријавување на попишувачи, досега конкурирале над 7000 лица, а рокот истекува вечерва на полноќ.
Во меѓувреме се уште тече акцијата на опозициската партија за собирање потписи за поништување на законското решение за пописот. Досега се потпишале 100.000 граѓани. Милошоски ја повикува власта да не го игнорира ставот на народот.
И од иницијативата Не отворам врата денеска ја повикаа дијаспората да го бојкотираат попис, за кој тврдат дека е фалсификат и со однапред договорени проценти помеѓу СДСМ и ДУИ.
Според првиот човек на Статистика овие повици се безобразни и на штета на граѓаните и државата.
На иста линија е и првиот вицепремиер Артан Груби кој преку социјалните мрежи ги повика иселениците да се попишат во што поголем број.
„Ве молам за максимална свест и мобилизација. Споделете и известете го семејството“, напиша Груби.
Официјалниот теренски дел на пописот на граѓаните кои живеат во Македонија пак ќе се спроведе од 1 до 21 април.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар