Македонија
6. November 2015 - 14:42

Усвоен законот за гаранција за заемот од ЕБОР за експресниот пат Штип - Радовиш

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 71. седница со 61 глас „за“ и пет против го донесе Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на патната делница Штип - Радовиш, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и ЈП за државни патишта, по скратена постапка.

За Предлог - законот за гаранција по основ на Договорот со кој се предвидува изградба на експресниот пат од Штип до Радовиш во должина од 39 километри говореше министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски. Проектот е дел од политиката на Владата за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во Република Македонија и има за цел да овозможи побрз и побезбеден транспорт на луѓе, стоки и земјоделски производи од овој крај. Проектот, чија вредност е 64 милиони евра, ќе го имплементира ЈП за државни патишта

По усвојувањето на Законот за гаранција од страна на Собранието на Република Македонија и неговото објавување во Службен весник на Република Македонија, предвидено е склучување на Договор за гаранција за финансирање на патната делница Штип - Радовиш, кој ќе се склучи меѓу Република Македонија претставувана од Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој, Договорот за заем за финансирање на патната делница Штип - Радовиш, кој ќе се склучи меѓу ЈП за државни патишта и ЕБОР, и Договор за регулирање на меѓусебните права и обврски меѓу Министерството за финансии и ЈП за државни патишта.

Марјанчо Николов од СДСМ во текот на дебатата рече дека како партија ќе го поддржат законот, бидејќи е потребно подобрување на инфраструктурата,  но ја обвини власта за недомаќинско трошење на парите на граѓаните на РМ, и зошто зема кредити, а парите од буџетот ги троши, вели, за споменици и фасади.  

- Како Влада имате најмалку реализација во делот на современи автопатишта, регионални и магистрални патишта. Во првите осум години од вашето владеење успеавте да изградите само седум километри автопат од Куманово до Табановце затоа што парите ги пренасочувавте во проектот Скопје 2014, кој чини 640 милиони евра, рече Николов. 

Министерот Мисајловски во реплика посочи дека досега Владата изградила 700 километри локални патишта, а годинава продолжува со изградба на голем број делници низ Македонија при што досега се изградени 46 локални патни правци. 

- Ние работиме максимално ефективно и ќе продолжиме да градиме. Треба да признаете сите дека во овој момент се гради најмногу во историјата на Македонија. Да потребни се кредити и затоа одиме со посебни закони затоа што сакаме да изградиме што повеќе инфраструктура во РМ. Градиме од буџет, градиме од кредити, градиме преку ИПА фондови и на секој можен начин. Ние градиме да и фасади и Скопје 2014, ги градиме сите градови, но ја градиме пред се инфраструктурата во Македонија, рече Мисајловски.

На седницата помина и Предлог законот по Договорот за заем за финансирање на Програмата за национални патишта, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта, по скратена постапка.

Од опозициската СДСМ се изјаснија дека ќе го поддржат законското решение, со заблешка дека парите кои денес се земаат ќе ги враќаат идните поколенија, но изразија и сомнеж дека тие ќе бидат проследени со корупција. Причина за тоа се велат, разликата во цената по километар меѓу експресниот пат Штип-Радовиш и просечните цени за изградба на километар автопат.  

Од ВМРО-ДПМНЕ реплицираа дека нема простор за сомнежи бидејќи Владата работи транспаренто отчетно и одговорно и оти граѓаните ќе се изјаснат на 24 април кому ќе ја дадат поддршката.

Седницата ќе продолжи по редовната пауза.