Македонија
27. February 2018 - 16:05

Условна казна за неврохирургот Чапаровски- призна дека барал поткуп

На првото рочиште на кое му се судеше за поткуп од 1000 евра, неврохирургот Чапаровски е осуден на една година условен затвор, доколку во следните две години не стори ново кривично дело. На некогашниот прв човек на Клиниката за неврохирургија во Скопје му беше изречена и казна - забрана за вршење на должност директор, две години по прваосилноста на пресудата.

Чапаровски призна вина и истакна дека се кае поради стореното дело, по што судот веднаш му изрече и пресуда.

Претходно, одбраната на обвинетиот побара од Судот, при носење на одлуката, како олеснителни околности да ги земе во предвид фактите дека тој досега никогаш не бил осудуван, дека е самохран родител на едно 19 годишно дете, но и фактото дека обвинетиот со своето работење секојдневно придонесувал за подобрување на здравјето на многу луѓе. 

По завршување на судскиот процес, Неврохирургот Чапаровски со цел да не даде изјави за медиумите, Кривичниот суд го напушти од задната врата.

Чапаровски беше обвинет дека од родител на 14 годишно девојче побарал 1000 евра, за да издаде конзилијарно мислење со цел девојчето да може се лекува во странство. Таткото на девојчето го пријавил случајот во полиција, по што на докторот му биле дадени претходно обележани пари поделени во 4 апоени од по 100 евра и 12 апоени од по 50 евра.

Неврохирургот беше уапсен на 30ти мај минатата година, дента кога му биле дадени парите, како награда за издадената потврда, а еден ден покасно му беше одреден 30 дневен притвор. Во притвор остана 13 дена, по што судија на претходна постапка му го укина притворот, и беше пуштен да се брани од слобода, откако биле сослушани сите сведоци и по приложената гаранција.