Уметничка дружба на отвореното студио во Слоештица

Љубителите на уметноста в сабота ќе имаат можност да го посетат отвореното студио во селото Слоештица, Демир Хисар, каде што ќе бидат изложени делата создадени на 16-та Уметничка резиденција.
Уметничката резиденција во Слоештица почна на 10 јули и ќе трае до крајот на месецот. Организатор е Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт - Гумно“ со поддршка од Министерството за култура.
„Арт Поинт - Гумно“ информира дека поканиле две уметнички двојки што годинава прославуваат три години заедничко живеење и креирање: Мејси Ларгадо Ротман и Кристијан Ротман од Берлин, Германија и Ева Мајер и Арон Мајорош од Будимпешта, Унгарија.
Мејси Ларгадо Ротман потекнува од Миндоро, Филипини каде дизајнирала уметнички разгледници со традиционални фолклорни мотиви. Од 2014 година живее во Берлин каде честопати асистира при изведбата на инсталации/скулптури на отворено на нејзиниот сопруг. Коавтор е на книгата „Птицата Лили“ чија цел е да им ја приближи германската култура на мигрантите.
Кристијан Ротман е уметник со огромен творечки опус. Препознатлив е по виножитниот колорит што вришти од неговите дела и тежнее да се стопи со динамиката од надворешниот свет. Со своите фотопроекти („Ти и јас“, „Мајки и ќерки“ и др.) Ротман постојано патува низ светот. Застапен е во повеќе колекции од Германија до Јапонија.
Ева Мајер е најмладиот добитник на престижната Унгарска државна награда за уметност Мункачи во 2013 година. Таа е графичар и сликар што често експериментира, комбинирајќи повеќе техники. Во нејзиното творештво доминира духовнста со интегрирани религиозни елементи. Мајер е основач и организатор на реномираниот симпозиум за уметност ДунАрт во Шаморин, Словачка.
Арон Золт Мајорош е уште едно од звучните имиња на уметничката сцена на Унгарија, каде ги има освоено сите позначајни национални признанија. Неговите скулптури се дел од национални и приватни колекции во Унгарија, Шпанија, Турција и Мексико.
Посетителите ќе можат да ја погледнат поставката и да се запознаат со уметниците во периодот од 13 до 20 часот.
Ново на Сител
-

ЦУК: До 18 часот 28 пожари на отворен простор, од кои 11 се активни
-

Осма жртва од западнонилска треска
-

Лавров: Обвинувањата за инцидентот во Лајпциг се „почеток на вистинска војна“
-

Виткоф и Кушнер пристигнаа во Киев на разговори за прекин на војната
-

19-годишна девојка го пријавила поранешниот партнер, ја нападнал во нејзиниот дом и ѝ одзел пари
-

70-годишник измамен за 720.000 денари, маж му барал пари за наводно лекување на својот син во странство
-

69-годишен пешак тешко повреден откако во него удрил автомобил во Струмица
-

Кумановка пријавила дека била нападната од синот и снаата
