Македонија
30. March 2023 - 16:31

Укинатите членови од Законот на функционерите им овозможија 78% зголемување на плата

Ниту криза ниту инфлација не ги чепка македонските функциониери по последната одлука на Уставниот суд со која нивните плати во просек ќе се зголемат за неверојатни 78%.

Па така од први, Претседателот кој има највисока плата во државата ќе добие зголемување од 72.500 денари па неговата плата од околу 93.000 ќе скокне на над 165.000 денари.

Многу повеќе пари дома ќе однесат и министрите и премиерот. Нивните плати од околу 65.000 денари сега ќе скокнат за дополнителни 50.000 денари па од први на сметките секој месец ќе им префрламе по близу 2000 евра нето плата. 

Зголемување ќе добијат и пратениците кои на сегашната плата од околу 60.000 денари ќе добијат плус 700 евра месечно и дома ќе однесат нето плата повисока од 1.700 евра. 

Близу 80% повисока плата ќе добијат и сите заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции. Меѓу оние кои ќе добијат повисока плата се и сите судии меѓу кои и тие од Уставниот суд кои практично со укинување на 2 члена од Законот за плати на функционерите го овозможија општото покачување.

Иницијативата до нив ја поднел адвокат од Скопје кој не сакаше да коментира. Интересно е што Уставниот суд по иницијативата одговорил во рекорден рок од само 4 месеци, додека други иницијативи пред уставните судии чекаат и по неколку години. 

„Закон е закон и мора да го почитуваме“, објасни потпретседателот на Владата кој идниот месец дома ќе однесе близу 2.100 евра плата, или околу 900 евра повеќе.

Со месеци протестираме за покачувања од 2000 денари, а тие, преку ноќ платите си ги зголемија за 80%, реагира Синдикатот на вработените во јавниот сектор. 

Дел од функционерите кои следниот месец треба да добијат повисоки плати, почнаа јавно да се откажуваат од покачувањето. 

„Зголемувањето на платата, согласно одлуката на Уставниот суд во целост ќе го донирам за хуманитарни цели, семејства со ниски месечни примања и семејствата на уставобранителите. Имајќи ја предвид тешката економска и финансиска состојба во која живееме, почнувајќи од следниот месец разликата во платата ќе ја донирам за хуманитарни цели“, напиша на социјалните мрежи градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцункски.

Уставниот суд на седницата на 21 март донел одлука со која укина член од законот кој ја држеше основицата за пресметување на платите на функционерите на ниво од околу 26.000 денари. Потоа, оваа основица се множи со коефициент кој најчесто е меѓу 3 и 4 и се добива бруто платата на функционерот. Сега, по одлуката на судот, основицата од околу 26.000 скокна на над 46.000 денари а со тоа и платите на функционерите.