Македонија
6. јуни 2026 - 16:31

Струмичката болница доби кабинет за менаџирање на дебелината

Во Струмичката болница и официјално промовиран  Кабинет за менаџирање на дебелината. Кабинетот, кој функционира  околу четири месеци наназад, треба да овозможи мултидисциплинарен пристап, прецизна дијагностика и современ третман на пациентите од целиот Југоисточен регион кои се соочуваат со овој сериозен здравствен предизвик.

Благодарение на донација од општествено одговорна компанија, кабинетот е опремен и со современ апарат „InBody“, што е клучно за дијагностицирање, детална анализа на составот на телото и следење на резултатите од терапијата.

Според директорот на болницата, д-р Гоце Христов, во изминатиов краток период веќе се третирани околу стотина пациенти, а интересот е огромен, при што сите термини преку системот Мој Термин се постојано пополнети.

Директорот на клиниката за ендокринологија и претседател на научното здружение за обезност на Македонија, професор д-р Ирфан Ахмети, вели дека отворањето на овој кабинет е од исклучителна важност, бидејќи навремената дијагностика ќе значи и превенција на преку 200 секундарни заболувања за кои обезноста е директен предизвикувач.

Новоотворениот Кабинет за менаџирање на дебелина во болницата во  Струмица е вкупно деветиот  по ред во државата  кој и официјално започнува со работа.