Укинати квотите за лекови на позитивната листа - лек на рецепт во секое време и во секоја аптека
Од утре лекови на рецепт ќе има во секое време, цел месец и во сите аптеки кои имаат договор со Фондот за здравство. Владата ги укина досегашните квоти кои го ограничуваа издавањето лекови од позитивната листа.
-Се воведуваат еднакви правила на работа за сите аптеки, се елиминира конкуренцијата, изјави Ден Дончев, директор на Фондот за здравство
За подигање на пропишаната терапија од матичен лекар во аптеките покрај рецептот задолжителна ќе биде и личната карта. За децата и возрасните тоа може да го направи и член од семејството, со сопствен документ за идентификација. Оваа мерка летово почна да се применува како пилот проект во туристичките градови.
-Нема да има гужви, нетрпение во ординациите и нема потреба од создавање домашни аптеки, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.
Годишно во земјава се издаваат 25 милони рецепти за лекови од позитивната листа, а држававата издвојува околу 50 милиони евра. Според Премерот Зоран Заев новата мерка врз буџетот ќе има дополнителен импакт од 100 до 300 милиони денари.
Здравствените власти сметаат дека со личната идентификација за подигнување лекови ќе се избегнат досегашните злоупотреби и од пациентите и од лекарите. Контролата ќе ја вршат со читачи на лични податоци на пациентите кои аптеките бесплатно ќе ги добијат од Фондот до крајот на годината. Од Фармацевтската комора минатата недела изјавија дека не се запознаени со мерката, и според претседателката на Комората нема логика лекови во аптека да се подигнуваат со лична карта, зошто постоеле други механизми на контрола.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар