Македонија
24. November 2021 - 16:55

Учениците од Чаир маршираа за последен поздрав со другарчињата

Со марш учениците од скопското основно „Исмаил Ќемали“ се простија од петте соученици кои трагично загинаа во страшната несреќа во Бугарија. Маршираа од училиштето до плоштадот Скендер бег, каде положија свежо цвеќе.

-Нашето училиште сега тагува. Ова што го снајде нашето училиште е трогателно. Навистина, не можеме да сфатиме, пет ученици од училиштето го загубија животот.

Маршот бил на иницијатива на учениците. Ги прекинале часовите и излегоа на улица.

-Денеска сме со плач. Сакавме да одржиме настава, се одржаа неколку часа. Децата беа навистина возбудени и сами по нивна иницијатива сакаа да маршираме до плоштадот за да им оддадеме почит на загинатите,  вели директорката на училиштето Бурбуќа Имери.

Велат ги познавале сите пет ученици. Ќамил Имери е наставник по географија. Бил класен раководител на две од децата. Вели дека се уште не може да поверува за загубата.

-Беа одлични ученици. Беа многу културни, редовни, дисциплинирани. Меѓутоа, тоа што се случи... Многу ни е жал, тагуваме за тие деца, вели Имери.

Сите пет ученици кои загинаа во несреќата се во роднина врска. Вкупно 12 члена од ова семејство ги загубија животите во несреќата враќајќи се од кобното патување во Истанбул.