Македонија
21. August 2024 - 16:42

Уапсен сторителот на убиството кај „Мавровка“

Убиецот зад решетки, помагачот во бегство. 39 годишен скопјанец е осомничен за вчерашното свирепо убиство во центарот на главниот град. Според обвинителството, тој во 58 годишниот маж пукал со пиштол марка „Глок“ за кој немал дозвола.. Прво го застрелал, а потоа го ограбил.

„Со умисла и од користољубие лишил од живот едно лице, по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил „Ауди“ без регистарски ознаки. На местото пристигнало и второ возило „Цитроен“ со беглиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот одзело гајба со рачен алат и исто така се оддалечило“, велат од Јавното обвинителство.

Убиецот и неговиот помагач се сретнале во паркот Гази Баба и со едно возило го продлжиле бегството. Биле пресретнати на улица во Чаир, а по кратка престрелка, сторителот на убиството паднал во раце на полицијата.

„Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачка врата и пукал, обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат. Четворицата полициски службеници во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот“, додаваат од обвинителството.

Во вчерашната акција на полицијата, беше уапсено уште едно лице, но проверките покажале дека не е поврзано со убиството, па утринава е ослободено. Помагачот е се уште во бегство.

„За второто лице кое беше лишено од слобода вчера до овој момент не е утврдена поврзаност со настанот и е ослободен, а се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање и на уште едно инволвирано лице за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело “Убиство“, информираше министерот Тошковски..

Осомничениот за убиството е веќе во притвор.. Постел ризик да го повтори делото, да побегне или да влијае врз сведоци на настанот.. Според одбраната, обвинителството не понудило цврсти докази во барањето за притвор.

Осомничените веќе имале криминално досие, а биле и во роднински врски.. Од МВР информираа дека во автомобилот на убиенот но и меѓу украдените предмети немало злато. Во јавноста тоа се споменуваше како мотив за грабежот бидејќи фамилијата на застреланиот поседува златара.