Бизнис
1. March 2019 - 19:26

Тутунарите задоволни, поверениците не завршува откупот на тутунот

Нема пари за да се исплатат 245 повереници и 20-тина членови на второстепената комисија за месеците јануари и февруари. Ова го тврдат од здружението „Мице Козар“ од Прилеп, според кого причината за проблемот била во Сојузот на здруженија на тутунари на Македонија кој што не им давал пари и според нив имал нелегитимен претседател, господинот Кире Неделковски, чија смена барале 15 здруженија во Македонија.
 
„Го назначија инжинерот и агроном, Ванчно Коцев од Неготино, но централниот регистар без наше сознание го исфрла. Зошто и како и самите не знаеме, нема образложение“, вели Данчо Милески, претседател на здружение „Мице Козар“ - Прилеп.
 
За да се исплатат сите повереници на ниво на Македонија биле потребни околу 9 милиони денари, од кои 800.000 за Прилеп.
 
„Го повикувам уште еднаш господинот Киро Неделковски, да дојди, да најди заеднички јазик, бидејќи ова ги помина сите граници. Поверениците ѕвонат на телефон и бараат пари“, рече Злате Даноски, член на управниот одбор на здружението „Мице Козар“. 
 
Претседателот на Сојузот пак Кире Неделкоски, истакна дека како што откупувачите уплаќале пари, така тие средста се префрлале на сметките на здруженијата. Денеска им била уплатена одредена сума. Останатите пари ќе ги добијале откако ќе имало нови уплати од откупувачите. 
 
Инаку денеска започна вадењето на белите картони за идната реколта кое според законскиот рок ќе трае до 31 овој месец.
 
„Со новиот закон за тутун, кој е во собраниска процедура, од наредната година ќе бидат укинати евидентните листови“, изјави Зоран Пачешкоски, раководител на подрачната канцеларија на министерството за земјоделство во Прилеп.
 
Доколку имало потреба ќе се работело и втора смена и во сабота за да се издадат сите потребни евидентни листови.