Балкан
2. March 2016 - 17:00

Туск-Орешковиќ: Шенгенот нема алтернатива за решавање на бегалската криза

Шенгенскиот режим нема алтернатива во решавањето на мигрантската криза, оценија денеска во Загреб претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ, кои при тоа ветија помош за Македонија која се соочува со голем прилив на бегалци. 

- Пред се ќе бидам јасен, шенгенските правила немаат алтернатива, само почитувањето на Шенгенот може да биде темел за сеопфатно европско решение на кризата, изјави Туск на заедничката прес-конференција со Орешковиќ во Загреб.

Туск престојуваше во Загреб во рамките на неговата турнеја низ земјите од балканската бегалска рута во пресрет на самитот ЕУ-Турција, на кој би требало да се донесе сеопфатен европски план за бегалската криза.

Од Загреб Туск отпатува за Скопје.