Туск : Многу работи остануваат отворени за договор со Лондон
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска за британските медиуми изјави дека „останува да се сработат уште многу работи“ во врска со британските предлози за реформирање на Унијата, за да се дојде до договор на тековниот Самит на ЕУ.
По неуспехот да се постигне согласност на синоќешната дебата, британскиот премиер Дејвид Камерон денеска ги продолжил разговорите со секој од лидерите на земјите кои се противаат или имаат резерви кон британските предлози.
Ваквите билатерални средби продолжиле до рано утринава во 06:30 часот, кога Камерон одново се сретнал со Туск и со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, при што станало збор за натамошните потези.
Работењето во текот на ноќта предизвика денешната дебата со „англиски ручек“ да продолжи еден час подоцна од 14:30 часот.
Пред почетокот на новата рунда разговори, Камерон за Би-Би-Си изјави дека „се забележува напредок, но дека се уште нема договор“.
Претставник на неговиот кабинет во Лондон за британските медими изјави дека „надеж за договор на овој Самит се уште постои“, но дека како сега стојат работите, малку е веројатно оти британската Влада ќе одржи вонредна седница посветена на преговорите со ЕУ.
Таквата владина седница беше најавена од порано, под услов Камерон да успее да се договори со своите партнери во Унијата.
Неименуван европски дипломат за Би-Би-Си изјави дека се очекувале тешки преговори, но дека никој не верувал оти вака ќе се развиваат.
Четири источноевропски членки не се согласуваат со блокирањето на социјалните бенифиции за мигрантите од ЕУ во Велика Британија во првите четири години од нивниот престој и работа на британска територија.
Чешка и Словачка бараат новите (британски) прописи за детскиот додаток за децата на мигранти од земјите-членки на ЕУ, да се однесуваат за оние кои допрва ќе доаѓаат, а не и за лицата кои веќе се во Велика Британија и користат социјални бенифиции.
Официјален Париз, останува на својата претходна позиција дека со договорот за финансиско регулирање не смее да му се дозволи специјален статус на лондонскиот бизнис центар Сити и дека регулативата мора да се однесува за сите членки на Унијата без правото на вето од кого било.
Белгија, поддржана од Франција, смета дека прописите што сега ќе се донесат не смее понатаму да се менуваат и дотеруваат до одржувањето на референдумот за идното членство на Велика Британија во ЕУ.
Медиумите во Лондон навестуваат дека би можело разговорите да продолжат и во текот на викендот, како и да се одржи вонреден Самит за Велика Британија до крајот на овој месец.
Следниот редовен Самит на ЕУ е предвиден за 17 март.
Ново на Сител
-
Поранешниот канадски премиер Жан Кретиен ги осуди експанзионистичките идеи на Трамп
-
ЦУК: Извлечени завеани пет малолетни и едно возрасно лице од село Рајчани
-
Поведена постапка против лице за семејно насилство врз неговата сопруга
-
Патничкиот железнички сообраќај се одвива нормално и без прекин, со минимални задоцнувања, товарниот со мали застои
-
Сообраќајот на патиштата се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег
-
Украина ноќеска соборила 60 од 94 лансирани руски беспилотни летала, 34 се „изгубиле“
-
Студено насекаде со врнежи од снег, поради ниските температури ќе има појава на голомразица и снежни наноси
-
Укината забраната за сообраќај за тешки товарни возила на патот Крива Паланка – Г.П. Деве Баир