Три хронологии за трагедијата: Што се случи на Кајмакчалан?
Екипата на „Нова Македонија" што го истражува случајот за смртта на двајцата планинари на планината Ниџе, ги анализираше саатниците на досега добиените документи и сведоштва за акцијата за нивно пронаоѓање и спасување. Од споредбата на трите достапни извори, направени се паралелни саатници за да се утврди фактичката состојба за тоа што се случувало во критичните 24 часа.
ФЕДЕРАЦИЈА НА ПЛАНИНАРСКИ СПОРТОВИ
10 февруари 2018
01.00 часот по полноќ – поаѓање на автобусот од Скопје (македонско време)
09.00 часот (грчко време) – пристигнување во ски-центарот „Ворас" (68 планинари)
9.30 часот – поаѓање на групата (63 планинари, петмина воопшто не тргнуваат)
10.00 часот – враќање на првата група планинари (23 члена)
11.00 часот – на приближно 600 м од врвот, колоната се дели на две групи (22 планинари предводени од Зоран Костадинов одат први, а другите предводени од Калина Велевска ги следат на околу 100 до 150 метри растојание)
11.15 часот – првата група е на врвот
11.20 часот – првата група се враќа назад
11.30 часот – средба на двете групи. Наредба од Зоран Костадинов, втората група да го прекине искачувањето поради влошени временски услови и да се вратат заедно назад. Наредбата е издадена од водичот Костадинов лично на водичот на втората група.
11.35 часот – двете групи почнуваат заедничко симнување кон ски-центарот освен 7 планинари, кои се одвојуваат од групата и самоиницијативно продолжуваат кон врвот и стигнуваат до мавзолејот. Во тој момент е воспоставен и радиоконтакт помеѓу водичот Зоран и Александар. Александар добива категорична наредба да тргнат назад што побрзо. Пет члена од оваа група се сретнуваат со остатокот од групата и со водичот Зоран на 50 метри од контролната ски-куќичка. Увидувајќи дека недостигаат двајца планинари водичот придружуван со уште двајца планинари (Д.К. и Б.П) се враќаат назад кон врвот, пристигнуваат на врвот и ја пребаруваат околината обидувајќи се да воспостават радиоврска и телефонски контакт. Пребарувањето на теренот трае 30-40 минути. Под претпоставка дека двајцата планинари се вратени назад, групата што го пребарува теренот се упатува надолу кон центарот.
13.00 часот – групата пристигнува во ски-центарот, констатира дека недостигаат двајца планинари и ја алармира спасувачката служба во центарот.
13.10 часот – два ратрака од центарот придружувани во едниот со водичот Зоран, а во другиот со Дејан се упатуваат кон врвот во потрага.
14.30 часот – ратракот придржуван со Дејан што го пребарува теренот ја завршува потрагата и се враќа во центарот. Дејан воспоставува телефонски контакт со Калина и Александар, кои му кажуваат дека се добро и дека се под некоја карпа во заветрина. За ова по радиоврска е информиран ратракот во кој се наоѓа Зоран и тие почнуваат потрага на терен каде што се претпоставува дека има карпа.
17.00 часот – потрагата со ратракот е прекината и тимот со Зоран се враќа во ски-центарот. Во меѓувреме еден ратрак во кој е Дејан повторно тргнува во потрага во обид да ги лоцира според остварениот контакт.
19.00 часот – до 19 часот се одржува телефонски контакт помеѓу овој ратрак и Алексадар и Калина.
ГРЧКА ПОЛИЦИЈА
ПОЛИЦИСКА ДИРЕКЦИЈА ЗА ОКРУГОТ ПЕЛА
ПОЛИЦИСКИ СЕКТОР ВОДЕН
10 февруари 2018
9.30 часот – исчезнатите планинари, како членови на планинарски клуб од Скопје, заедно со околу 47 лица се упатиле кон врвот Св. Илија (Кајмакчалан н.з.) на планината Ниџе. При симнувањето од врвот кон ски-центарот се одвоиле од другата група планинари и поради тешки временски услови, најверојатно паднале по стрмна падина.
22.00 часот – идентификувани се од страна на придружните надлежни служби (специјалната пожарникарска единица н.з.) од Воден и од Аридеја, како и од Специјалната единица за справување со катастрофи (СЕСК) од Солун. Направен е обид за извлекување – спасување на Александар со ремен, кој сѐ уште бил свесен. Калина тогаш не покажувала знаци на живот, ниту на чувствителност. Додека траело извлекувањето, поради непозната причина ременот се откачил и Александар паднал на уште поголема длабочина. Поради темнината и лошите временски услови, по ова, истрагата била прекината.
11 февруари 2018
10.00 часот – починатите Калина и Александар се пронајдени мртви од страна на членовите на СЕСК од Солун. Александар е пронајден на 40 метри растојание од Калина, која била закопана во снег со длабочина од 1,5 метар.
13.00 часот – телата на планинарите се извлечени и се пренесени во болницата во Воден.
ТАНОС ПАНАЈОТОПУЛОС – ДИРЕКТОР НА СКИ-ЦЕНТАРОТ „ВОРАС"
10 февруари 2018
13.30 часот – добиена е информација од водичот на групата Зоран Костадинов дека има двајца загубени планинари. Алармирани се надлежните служби (911 полиција н.з.).
13.30 часот – започнува првичната потрага со ратраци, која трае половина час.
13.55 часот – првичната потрага на екипа од ски-центарот е завршена.
14.05 часот – во ски-центарот пристигнува полицијата (911).
15.00 часот – пристигнува и полицијата од Воден и Острово и специјалната единица на пожарникарите од Воден и Алмопија. Оттогаш почнува официјалната потрага.
16.30 часот – директорот на ски-центарот е информиран од планинарите од Македонија дека Александар и Калина се исчезнати уште во 11.30 часот.
18.00 до 19.00 часот – добиена е информација дека полицијата врз основа на сигналот од мобилниот телефон на Александар ги лоцирала планинарите на 100-150 метри десно од црквата „Св. Илија". Истовремено се пратени ратраци кон локацијата.
20.15 часот – во ски-центарот пристигнува Специјалната единица за справување со катастрофи (СЕСК), од Солун.
21.00 до 21.30 часот – специјалната единица ги пронаоѓа Калина и Александар.
Саатниците укажуваат дека водичот на групата со задоцнување го пријавил исчезнувањето на двајцата планинари во ски-центарот и не прецизирал што точно се случило и од кога се изгубени Калина и Александар.
Исто така, според саатниците, во првите два часа (од 11.30 до 13.30), македонските планинари самостојно ги барале изгубените колеги. Меѓу 18 и 19 часот е добиена информација дека полицијата врз основа на сигналот од Александар го лоцира местото каде што би можеле да бидат изгубените планинари.
Специјалната единица за справување со катастрофи (СЕСК) од Солун пристигнува во ски-центарот околу 20.15 часот и за кратко време, според полицискиот извештај околу 22 часот, а според директорот на ски-центарот околу 21-21.30 часот, планинарите се пронајдени и направен е неуспешен обид за извлекување на Александар. Останува нејасно зошто спасувачите се откажале од спасувачката акција за Александар и зошто воопшто не се обиделе да ја извлечат Калина и како утврдиле дека таа не покажува знаци на живот.
Инаку, специјалната единица од Солун, пристигнала 6 часа и 45 минути по алармирањето. Според Виа Мишелин патот од Солун до Ворас трае 3 часа.
Ново на Сител
-
„Јутјуб“: Кусите видеа ќе траат до три минути
-
Истражување: На кучето треба полека да му се говори
-
Модни трендови: „Рециклирање“ облека и модни додатоци
-
Нова промена на цените на горивата од полноќ
-
20-годишен скопјанец прегази пешак во скопско Марино
-
Приведен криумчар на мигранти, пронајдени 11 лица од Сирија
-
СДСМ бара одговорност за починатото бебе на детска клиника
-
Таравари: На терен се инспектори и членови на Комисијата за да се испитаат сите факти околу смртта на 14 месечното дете