Македонија
20. July 2015 - 14:52

Трет „Битола Шекспир фестивал“ од 22-ри до 28 јули

Народниот театар-Битола од 22-ри до 28 јули по трет пат ќе биде домаќин и организатор на интернационалниот „Битола Шекспир фестивал“, проект поддржан од Министерството за култура и општина Битола.
 
Годинава на фестивалот во Битола ќе учествуваат: Народно позориште од Сомбор, Србија, со претставата „Многу врева за ништо“, театарот „Лит Мун“ од Санта Барбара, САД, ќе настапи со „Хамлет“, Драмски театар од Габрово, Бугарија, ќе ја изведе „Ромео и Јулија“, актерот Ги Сонен од Холандија ќе го изведе перформансот „Сонет за сонет 116“, а ќе гостуваат и два македонски театра - Турски театар-Скопје со претставата „Сон на летната ноќ“ и Народен театар-Битола со премиерна изведба на „Антоние и Клеопатра“ во режија на гостинот од САД, Џон Блондел, со која задутре ќе почне фестивалот. 
 
- Освен големата и квалитетна понуда, годинава фестивалот ќе биде во знакот на работилница посветена на иднината на овој фестивал. Имено, во соработка со интернационалните театарски институти од Скопје и Загреб и под водство на шекспирологот од Канада Рандал Мартин, ќе се реализира театарска работилница за создавање нов драмски текст инспириран од сонетите на Шекспир. Таа претстава, следната година, битолскиот театар во соработка со театарската компанија „Лит Мун“ од Санта Барбара премиерно ќе ја изведат во Македонија и САД, истакна Благој Мицевски, в.д. директор на Битолскиот театар.
 
На прес-конференцијата во Битола денеска беше истакнато дека поддршката на Министерството за култура и општина Битола овозможија поставување на фестивалот на цврсти основи и отворени врати на актерите и други театарски работници од државата и странство.
 
- Третото издание на „Битола Шекспир фестивал“ ја потврдува првичната идеја за новата театарска форма што се реализира во Битола и која претставуваше инспирација во Србија и Бугарија да се востановат фестивали посветени на Шекспировите дела. Соработката со овој фестивал е одлична и ќе продолжи со исто темпо, посочи битолскиот градоначалник Владимир Талески.
 
За реализација на третиот „Битола Шекспир фестивал“, Министерството за култура издвои два милиони денари а општина Битола овозможи целосна логистичка поддршка. Фестивалот во Битола наскоро ќе се вмрежи со други театарски центри во Европа кои го негуваат делото на Вилијам Шекспир.