Тренчевска: Отворен Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење во Крива Паланка
Грижата за пензионерите и нашите највозрасни граѓани е многу поширока од само еден сегмент. Подигањето на животниот стандард на пензионерите и создавање можност за поквалитетен живот е можно само доколку се создаваат повеќе можности во различни сфери на општественото живеење, рече денеска министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска на официјалното врачување на дозволата за социјална услуга - Дневен центар за престој на стари лица со активно стареење во Крива Паланка.
Како Министерство за труд и социјална политика (МТСП), додаде, сме подеднакво посветени на сите сегменти и наша цел е да создадеме рамка за поголема социјализација, активен живот и што поголемо вклучување на оваа категорија граѓани во општеството.
Општина Крива Паланка денеска доби модерен центар што ќе одговори на потребите на граѓаните.
-Од денеска пензионерите од Крива Паланка ќе имаат можност за поголема социјализација и активности во текот на денот преку овој центар, а досегашното искуство покажува дека овие центри се вистински одговор на потребите на граѓаните и дека оваа социјална услуга се користи многу и дава одлични резултати. Преку креирање социјални политики водиме грижа за креирање повеќе можности за пензионерите, меѓу другото, потврда е и фактот што социјалната реформа покрај дневни центри, тука е и помош и нега во домот, наменета токму за лицата над 65 години. Затоа ги повикувам пензионерите да ја користат оваа услуга, а ние како Влада ќе продолжиме да работиме на создавање нови можности, да ги следиме ефектите и да ги подобриме социјалните услуги, кои се проширени и се имплементираат во 44 општини. Достапни се услугите и во најоддалечни места, а оваа услуга овде се воспоставува благодарение на визијата на општината и Црвениот крст што ја имаат за своите највозрасни сограѓани, рече Тренчевска.
Проектот е вреден 5,7 милиони денари, обезбедени преку проектот за подобрување на социјални услуги на МТСП, дел кофинансира и општината.
Градоначалникот, Сашко Митовски, рече дека Општина Крива Паланка е пример за работењето во областа на социјалата, една е од првите општини со формиран Локален совет за социјална заштита и усвоен социјален план за период 2021/2024- кој ги лоцира, мапира и тековно работи на решавање на проблемите од социјалната сфера на сите категории социјално загрозени граѓани.
-Отворањето на дневниот центар значи подобри и поквалитетни социјални услуги, збогатен и зголемен видот на услуги за највозрасната категорија граѓани. Црвениот крст како давател на услуги дава исклучителен придонес и е наш партнер во грижата за возрасните, подеднакво како и за останатите категории лица. Акцентот на грижа за возрасните е нешто по што исто така предничи нашата општината, пример за тоа е што веќе трета година активно работи Нега центар во ОО Црвен крст, отворен во рамки на проектот „Одговорни институции-среќни граѓани“, што Општина Крива Паланка и Црвен крст го реализираа со финансиска поддршка од 11 милиони денари од Министерството за труд и социјална политика. Нега центарот има 20 лиценцирани негуватели кои пружаат услуги на над 80 корисници од општината, а во фаза на лиценцирање се уште 15 негуватели што веќе ја поминаа обуката и ќе го надополнат кадарот што ќе работи за грижа на возрасните, рече Митовски.
Општина Крива Паланка, додаде, изготви и проект за изградба на Дом за стари лица, постојано сме во корелација со плановите на Министерството за труд и социјална политика и истиот веќе ставен во програмата на Министерството.
Секретарот на ОО Црвен крст, Крива Паланка, Дарко Пешовски, од име на органзиацијата-давател на услугите, рече дека стареењето е привилегија што многумина не ја имаат.
-Оваа мисла ја менува перспективата, а Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење - го менува животот. Во име на сегашните и многу идни генерации кои ќе минуваат пријатни часови овде, благодариме на сите за придонесот да ги разубават моментите на дружење, заедништво и спокој на нашите највозрасни жители. Како организација на Црвен крст го подигнавме нивото на одговорност, а Општина Крива Паланка покажа зрелост и грижа за сите, рече Пешовски.
Ново на Сител
-
До крајот на денов променливо облачно со сончеви периоди, од среда дожд
-
Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева денеска поднесе неотповиклива оставка
-
Санкции за 212 непрописно паркирани возила минатата недела во Центар
-
Претрес во Карпош, уапсен 18-годишен дилер
-
ЦУК: Гостите од хотелот „Радика“ во Маврово извлечени со помош на специјално возило
-
Уапсени две лица кои ограбиле автомобил во Карпош
-
Вонреден инспекциски надзор во ОУ „7 Март“ во Челопек
-
„Внимавајте“, Народна банка со предупредување до граѓаните