Свет
16. March 2017 - 9:07

Трамп смета дека е жртва на медиумска кампања за дискредитирање

Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека е жртва на најмоќната кампања за дискредитирање од страна на американските медуми во историјата, изјави тој во интервју за телефизискиот канал „Фокс њуз“. 

- Зборувам за исфабрикувани вести, кои се во огромен број. Медиумите мошне добро знаат што зборувам и што имам предвид, изјави тој и како примери ги посочи весниците „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, телевизиските компании Си-Би-Ес, Ен-Би-Си и Си-Ен-Ен.

- Во историјата нема човек, за кого медиумите објавувале толку нечесни и невистинити материјали, како за мене. Без разлика за што станува збор, дури и кога станува збор за некоја исклучителна вест или некој позитивен знак, тие пишуваат во негативен тон, вели Трамп.

Тој е уверен дека опозициската Демократска партија и медиумите, кои се блиски до неа „намерно објавуваат неверодостојни информации со цел да го дискредитираат и да го делегитимираат него самиот и неговата администрација“. 

Тој ги нарече продемократските медиуми „непријатели на народот“. 

Коментирајќи го незаконското објавување на телевизиската компанија Ем-Ес-Ен-Би-Си на неговата даночна декларација за 2005 година, Трамп изјави: „Немам поим од каде ја нашле, но тоа го направиле незаконски. Немаат право да поседуваат такви податоци, тие не смее да станат објект на истекување“. 

Трамп додаде и дека во објавената даночна декларација нема никакви сомнителни детали.

Тој изјави дека социјалните мрежи се извонреден изум, кој му овозможува да пренесе порака до милиони луѓе без посредници.