Свет
17. јуни 2017 - 11:18

Трамп: САД ги отфрла експлоататорите на кубанскиот народ

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го укинува „целосно договор со Куба“, што беше склучен за време на управувањето на претходниот претседател на САД Барак Обама. 

Тој наведе дека ќе бидат воведени мерки со кои ќе се вратат ограничувањата во сферата на туризмот и трговијата со Куба.

Трамп ја претстави новата политика кон Куба во говорот во Мајами, каде наведе дека карипската земја си дозволила премногу отстапки од САД согласно „ужасниот и погрешен договор“ постигнат со Обама, но дека „сега тие денови завршија“.

Американскиот претседател нагласи дека, казнените мерки против Куба ќе останат во сила се додека кубанските власти не ги ослободат политичките затвореници, не престанат да ги малтретираат дисидентите и започнат да ја почитуваат слободата на изразувањето. 

- Ние повеќе нема да молчиме пред комунистичкото угнетување. Америка ги отфрла угнетувачите на кубанскиот народ. Тие се отфрлени официјално денеска - отфрлени, истакна Трамп. 

Трамп, сепак ги остави во сила голем број од промените направени од страна на Обама. 

Повторно отворените Амбасади на Куба во Вашингтон и на САД во Хавана ќе продолжат да дејствуваат.

Американските авиокомпании и бродови ќе продолжат да патуваат во Куба.

Одделните патувања на Американци до Куба, дозволени од Обама за прв пат по децении, сепак ќе бидат повторно забранети.

Новата политика на Трамп, исто така, има за цел да го запре финансирањето на САД за кубанската армија и разузнавањето. 

- Ние не сакаме американските долари да го зајакнуваат воениот монопол што ги експлоатира и ги малтретира граѓаните на Куба, потенцираше Трамп. 

Тој ја повика Куба да преговара за нов договор со САД, што повеќе ќе одговара на интересите на двата народи. 

Трамп исто така, ја обвини кубанската Влада дека и дава оружје на Северна Кореја и помага за дестабилизирање на ситуацијата во Венецуела.